Проактивната отпорност кон предизвиците и кризите прерасна во потреба за Европската Унија во новата геополитичка реалност – ова е заклучокот од минатонеделниот Извештај за стратешка предвидливост на Европската Комисија, кој е предложен до Советот и Парламентот. Во него се посочуваат конкретни чекори како да постапува Унијата во иднина. Делот посветен на мирот и безбедноста на континтентот предвидува и проширување со нови земји-членки, но во делот за стабилноста акцентот е поставен на критичните минерални суровини. Односно, како што се наведува, само во случај кога Унијата ќе може само да ги произведува неопходните минерали таа ќе остане стратешки автономна и енергетски независна од други глобални играчи.
„Засилената глобална конкуренција за критичните ресурси, заедно со трансакцискиот пристап во меѓународните односи, би можела да поттикне нови сојузи меѓу државните и приватните субјекти со цел воспоставување доминација во стилот на ОПЕК врз специфични ресурси или технологии. Оваа контрола може да доведе до значителна инфлација на цените и да го ограничи пристапот до основни материјали, претставувајќи сериозен предизвик за стратешката автономија на ЕУ и транзицијата кон зелена енергија. Како одговор на тоа, треба да се има акцент на иновациите во циркуларната економија и напредните технологии во рударството, па вклучително и за рударство во вселената“, пишува во Извештајот.
Како што се додава, критичните минерали имаат голема улога и во одбраната, безбедноста, здравството и автомобилската индустрија. Магазинот „Политико“ додава дека на Унијата во фокусот ќе и бидат литиумот, бакарот и никелот.
„Прекините во синџирот на снабдување, без разлика дали се поради
санкции, геополитичка принуда или шверц на суровини од страна на криминални организации, би можеле да имаат значителни негативни последици за ЕУ. Зависноста на Унијата од увоз на овие материјали, во комбинација со високата концентрација на снабдување од неколку земји долж
синџирот, доведува до сериозни економски и безбедносни ризици, особено со оглед на тоа што ограничувањата за извоз на суровините се зголемија петкратно од 2009 година па навака“, се истакнува во Извештајот на Европската Комисија.
Неодамна, презентирајќи ги приоритетите, истото го истакна и првиот човек на Комисијата, Урсула фон дер Лејен.
„Да градиме овде во Европа, со европски синџири на снабдување. Затоа што не можеме да дозволиме Кина и другите да го освојат овој пазар. Без разлика на сè, иднината е електрична“, истакна Фон дер Лејен.
Во оваа насока, европските финансиски институции веќе започнаа да го кредитираат домашното производство и рециклирање на бакарот.
„Бакарот е скриениот ‘рбет на современиот живот – тој ги осветлува нашите домови и ги напојува нашите телефони, ги поттикнува иновациите кај електричните автомобили и обновливата енергија. Првиот заем на Европската инвестициска банка по усвојувањето на новата сеопфатна Стратегија за критични суровини ќе го зголеми рециклирањето на бакар, ќе ги зајакне европските синџири и ќе ја забрза примената на Актот за критичните минерали на ЕК“, коментира Никола Бип, потпретседател на Европската инвестициска банка.
Во Извештајот се наведува дека Унијата новиот план за отпорност треба да го спроведува заедно со земјите-кандидатки и останатите партнери.
Домашните власти веќе изготвија нов предлог закон за рударство и за геологија, чија цел е да се усогласат домашните стандарди во оваа гранка со оние на ЕУ. Па така, се споменува и изготвување на листа за стратешки и критични минерални суровини, како и за стратешки проекти во македонското рударство кои ќе бидат комуницирани во Европската Комисија.
Паралелно со законите, МАНУ изготвува Стратегија за минералните суровини, во чија нацрт верзија се нагласува дека „Македонија има особено значење како производител на метали како што се олово-цинк, бакар и никел и игра значајна улога во поширокиот европски, па и светски контекст како клучен извор на овие критични минерали во регионот“. Во неа се додава дека треба да се стимулираат новите наоѓалишта на значајните ресурси, а од она што е познато за јавноста е дека голем дел од источниот дел на држава лежи на бакар. Потврдени наоѓалишта се Кожуф, понатаму Казандол во валандовско, како и Иловица, а на овој локалитет, според концесионерот, има над 700 илјади тони бакар.
Инаку, дел од аналитичарите предвидуваат дека цените на бакарот ќе достигнат рекордни нивоа од над 12.000 долари за тон до крајот на деценијата, што е зголемување од над 20% од сегашните цени. Консултантската компанија БМИ очекува глобалната побарувачка за бакар за модернизација на преносната мрежа на електрична енергија да порасне на 14,87 милиони тони до 2030 година од 12,52 милиони тони оваа година.
Понатаму, дата центрите во информатичката индустрија ќе имаат потреба од бакар во износ од 650 000 тони до 2030 година, за разлика од само 78 000 тoнa во 2020 година. БМИ предвидува дека производството на бакар за електричните возила ќе достигне 2,2 милиони тони до 2030 година, во споредба со актуелните 1,2 милиони тони во 2025 година.