ГЛОБАЛНИОТ ШОК ОД ЦЕНИТЕ НА ГОРИВАТА НЕ НẺ ОДМИНА, НО ГО АМОРТИЗИРАВМЕ

Анализата на движењето на цените на горивата покажува дека растот во Македонија во март бил поумерен во споредба со просекот во Европската Унија, според податоците на „Евростат“. Разликата во динамиката делумно се должи на мерките што ги презеде државата кон крајот на месецот, со намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти. Дополнително олеснување беше направено и на почетокот од април, кога беа намалени акцизите за горивата. Овие интервенции придонесоа за ублажување на ценовниот притисок врз крајните потрошувачи, иако на почетокот од март беше забележан нагол скок на цените.

Порастот на цените на енергенсите се одразува врз трошоците за транспорт и врз животниот стандард на граѓаните. ДЗС излезе со податок дека најголемо зголемување на трошоците на животот е забележано токму во транспортот, за 3,4 %, но реално, на терен, кај многу превозници трошоците се движат меѓу 5 и 12  %, бидејќи горивото им е најголем трошок (од 30 до 50 % од транспортот)

Во март, во Македонија имаше прилично нагло поскапување на горивата, особено во првата половина од месецот. Главниот скок беше околу 9-10 март, кога поскапи дизелот за 4,5 денари за литар, а бензинот (БС-95) за 5 денари за литар или просечното зголемување  беше околу 14,3 %, што се смета за едно од најголемите неделни поскапувања во последните години.

До крајот на март имаше дополнителен раст на цените за околу 9 % во однос на претходната пресметка. Така, дизелот чинеше приближно 95,5 денари за литар, а бензинот БС-95 околу 84 денари за литар.

Вкупната слика за март покажува дека бензинот поскапел вкупно околу 5-10 денари за литар, а дизелот имаше скок за околу 14-15 денари за литар (или повеќе во некои циклуси), што покажува дека цените процентуално имаа раст од 10 до 15 %, во зависност од видот на гориво и од периодот во месецот.

Ако го споредиме растот на цените на горивата во Македонија во март и оние што ги објави „Евростат“ за тој месец во земјите на Европската Унија, ќе се забележи дека кај нас имаше помало покачување, благодарение на мерките што ги презеде македонската Влада преку намалениот ДДВ од 18 на 10 проценти, кон крајот на март. Потоа, на почетокот од април следуваше намалување и на акцизите за горивата – за дизелот за 4 денари од литар, а за бензините за 2 денари од литар.

Според податоците на „Евростат“, дизелот во март, во ЕУ поскапел за речиси 20 проценти или тоа е годишен раст од 12,9 % во споредба со тој период лани, додека бензинот поскапел за 9,4 %.

Најголем раст на цените на горивата е регистриран во Германија, каде што тие се зголемиле за 19,8 %, по што следуваат Романија со 19,6 %, Холандија со 18,8 %, Летонија со 18,5 % и Австрија со 17,2 %. Од друга страна, само две земји, Унгарија и Словенија, бележат пад на цените на горивата на годишно ниво, од 2,7, односно 5,9 %.

На месечно ниво, во однос на февруари, дизелот во ЕУ поскапел за 19,1 %, додека бензинот за 10,6 %. Најголем месечен раст на цената на дизелот е забележан во Чешка и во Шведска (по 27,6 %), а потоа следуваат Естонија, Летонија, Белгија и Холандија. Кај бензинот, најголемо поскапување е регистрирано во Белгија, Шведска, Австрија и во Чешка, како и во Естонија и во Литванија.

Податоците за Македонија укажуваат дека порастот на цените на енергенсите се одразува врз трошоците за транспорт и врз животниот стандард на граѓаните. Според податоците на Државниот завод за статистика, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците за живот во март во однос на февруари изнесува 0,7 %.

Најголемо зголемување на трошоците за живот е забележано токму во транспортот, за 3,4 %, но реално, на терен, кај многу превозници трошоците се движат меѓу 5 и 12 %, бидејќи горивото им е најголем трошок (од 30 до 50 % од транспортот).

Статистика бележи и раст на трошоците кај: алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците за 3,2 %; покуќнината, опремата за домаќинствата и редовното одржување на домаќинствата за 0,6 %; рекреацијата, спортот и културата за 0,5 %; услугите за образование, личната нега, социјалната заштита, разновидните стоки и услуги, храната и безалкохолните пијалаци за 0,4 %; облеката и обувките за 0,3 %; домувањето, водата, електричната енергија, гасот, другите горива, информации и комуникациите за 0,2 %, здравствената заштита, рестораните и услугите за сместување за 0,1 %.

Индексот на трошоците за живот во март 2026 година, во однос на март 2025 година, бележи зголемување од 4,9 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3,4 %.