Вкупно 265,2 милиони евра биле потрошени на македонскиот пазар со недвижности во период од април до јуни годинава, од кои 112 милиони евра се само за купување станови, покажува регистарот за цени и недвижности што повторно почна да го објавува Агенцијата за катастар на недвижности по пауза од пет години. Овој регистар каде просечната цена се добива врз база на склучените договори и преддоговори за продажба на станови е законска обврска на Катастарот и престана да се објавува во 2020 година.

Овие пари ги потрошиле граѓаните за купување и изнајмување на недвижен имот од вкупно над 7,5 милиони метри квадратни.

Според регистарските податоци најголема површина на продаден имот е во земјоделско земјиште и шуми во вредност од 22 милиони евра, додека најголема финансиска вредност достигнува продажбата на станови со гаражни места, над 112 милиони евра.

Инфографика - Вкупно продадени недвижнини во квадратни метри за периодот април-јуни 2025 година
Инфографика – Вкупно продадени недвижнини во квадратни метри за периодот април-јуни 2025 година

Само еден од становите продаден во тој период достигнал цена од четврт милион евра за 96 метри квадратни во Центарот на Скопје, по вредност од 2 700 евра за метар квадратен.

Просечната цена на метар квадратен е највисока во Центар и изнесува над 1600 евра, додека Струмица каде се продаваат најевтините квадрати, просечната цена е за 1000 евра пониска отколку во скопски Центар.

Проблемот во овие податоци е во тоа што регистарот во себе ги опфаќа и предоговорите за станови во градба, кои се продадени пред неколку години по пониска цена, па тоа влијае на крајниот резултат кога се вади просекот.

Па така, во огласите за продажба на станови метар квадратен во Скопје, на пример достигнува и до 3.000 евра.

„Со повторното редовно објавувањето на овој регистар, кој има за цел да им даде на увид на граѓаните основни информации за состојбата на пазарот со недвижности, се очекува да се заузда пазарот на недвижности“, вели дирекоторот на Агенцијата за катастар на недвижности Иван Живковски во интервју за Радио Слободна Европа.

Тој нема одговор на прашањето зошто во изминативе пет години не се исполнуваше законската обврска за објавувањето на овој регистар. Но, смета дека на инвеститорите најмногу им одговарало да нема јасна слика за вистинската состојба на тоа што се случува со пазарот со недвижности.

„Губат сите, губат пред се граѓаните, затоа што на пазарот на недвижности, особено по оние познати интернет продавници и агенции за недвижности, се објавуваат огласи со неразумни и нереални цени. Меѓутоа, она што се случи на самиот пазар на недвижности во изминатите особено 18 месеци, па и можам да кажам и 2 години, имавме енормен скок на цените, особено на купопродажбите“, вели Живковски во интервјуто што во целост ќе биде објавено в недела.

Според Живковски необјавувањето на регистарот немало директно, туку индиректно влијание на цените на недвижностите.

„Меѓутоа, индиректно, кога немате реална перцепција или реална слика што се случува со пазарот на недвижности, тогаш луѓето добиваат информации врз база на шпекулации, на интернет информации, интернет портали и така натаму, што не генерира реална слика за пазарот на недвижност“, вели тој.

Последниот главен архитект на Скопје и поранешен претседател на здружението за градежништво при Стопанската комора Никола Велковски вели дека градежните компании на терен се забележува оти го немаат приматот во изградба на згради за домување, туку физички лица кои се јавуваат како инвеститори, кои за земјиште нудат станови во замена и кои бараат уплата од купувачите во целост уште пред да биде изградена зградата.

Неговата теза ја потврдува и катастарскиот регистар според кој од 4 356 продажби на недвижности, најголемиот дел, односно 754 продажби, ги направиле инвеститори.

„Јас ги викам градители, поединци инвеститори кои со овие цени виделе најдобра шанса за профит. Сопствениците на градежните парцели видоа изведувачите многу профитираат и тие ги зголемија условите, па се влегува со заедничка градба или со зголемен процент на учество, на она што треба да им отстапат, достигна до 40 проценти“, вели Велковски.

Една од причините за покачувањето на цените е достапноста на градежните парцели особено во централниот дел на Скопје и најактрактивните локации како Центар, Тафталиџе, Карпош, Водно и Аеродром, бидејќи со зголемувањето на цените на станбениот простор се зголемија и побарувањата на сопствениците на градежните парцели.

Катастарскиот регистар покажува дека рекордер во трговијата со имот се општините Центар и Карпош, но златниот медал во продажба на станови го добива Аеродром, додека во продажбата на куќи на првото место е Битола.

Инфографика - Каде се продадени најмногу станови, куќи и деловен простор во периодот април - јуни 2025
Инфографика – Каде се продадени најмногу станови, куќи и деловен простор во периодот април – јуни 2025

За само три месеци на целата територија на државата се продадени 676 новоизградени станови од инвеститори, што во однос на првото тримесечие годинава бележи пад на продажбата за речиси една четвртина.

Но, Агенцијата забележува дека во нивната дата база се внесени 25.354 листови за предбележување градба. Тоа значи дека 25.354 станови чија изградба е во тек и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.

Последните статистички податоци покажуваат дека само во првите шест месеци од почетокот на годинава општинските татковци ставиле потпис на дозволи за изградба на 4105 нови станови. Од вкупниот број нови станови 1771 ќе бидат изградени во главниот град.