Од вчера, без работа и без исплатени плати останаа вработените во модната конфекција „Мода ексклузив“ од Штип. За еден месец ова е четврта текстилна фабрика која се затвори преку ноќ и без никакво објаснување од работодавачите .
„Се работи за мешовита холандско-македонска фабрика со над 30 вработени. Затворањата се обично од такви странски или мешовити фабрики кои во последно време се свртуваат кон Истокот во обезбедувањето на уште поевтина работна рака. Денеска слушаме најави дека пред затворање е и уште една текстилна фабрика чии сопственици се од Турција“, вели Кристина Ампева од Здружението за заштита на работничките права „Гласен текстилец“.
За затворањето на „Мода експлузив“ нема никакво ивестување или какво било објаснување од работодавачите, па вработените исплашени за својата егзистенција и за неисплатенате плати и повеќе други принадлежности што законски им следуваат, соопштија дека и тие од денеска се без никакви придонеси и без никакви работнички права.
При крајот на август се затвори и конфекцијата „Елит фешн“ чии газди се од странство, па работниците враќајќи се од колективниот годишен одмор наидоа на затворени врати без никакво известување што се случува.
Ампева додава дека тие редовно ги алармираат државните институции и надлежните органи и тела. Освен со писмени дописи и со барања се укажува на новонастанатата состојба, се праќаат известувања до Трудовата инспекција, до УЈП па и до надлежните министерства и ресори за овие прашања сериозно да се сфатат и да се решаваат.
Таа кратко најави дека за овој суштински проблем ќе се расправа и утре на дебатата во рамките на 9. Текстилијада која се одржува во Штип.