Германскиот производител на автомобили БМВ им понуди на поединечните вработени отпремнини од над 650.000 евра за доброволно да ја напуштат компанијата. Интересот за програмата беше толку голем што внатрешниот портал за проверка на понудите привремено престана да работи, а компанијата ги суспендираше новите апликации со цел да ги обработи пристигнатите барања, објавува Ханделблат.

БМВ започна програма за доброволно отпуштање на 8 октомври, а десетици илјади вработени добија известувања за можни отпуштања. Компанијата го потврди високиот интерес, но официјално не потврди дека тоа предизвикало технички проблеми на порталот. Не е познато кога апликациите повторно ќе бидат овозможени, пишува СИЕБиз.

Максималните износи не се вообичаени и се однесуваат на поединечни случаи. БМВ не сакаше да коментира за конкретни износи на отпремнини, наведувајќи дека не дава детали за поединечните договори со вработените.

Компанијата планира да укине околу 8.000 работни места низ целиот свет до крајот на 2027 година. Програмата во Германија е наменета за приближно 40.000 вработени, првенствено во администрацијата, менаџментот, истражувањето и развојот, додека работниците директно ангажирани во производството не се вклучени.

Износот на отпремнината зависи од платата и должината на работниот стаж во компанијата, а на вработените им се нудат дополнителни премии за предвремено заминување. Според документите што ги виде Ханделсблат, планираните датуми на заминување се 31 март и 31 октомври 2027 година.

Отпремнината може да се исплати одеднаш или на рати, а под одредени услови дел од парите може да се насочи кон пензиски заштеди.