Доналд Трамп ја разгледува идејата да им даде на Американците и до 2.000 долари од парите што САД ќе ги добијат од зголемувањето на царините. Според неговите проценки, царините ќе генерираат илјадници милијарди долари, со кои прво владата ќе ги отплати своите долгови, а со остатокот ќе ги почести граѓаните. Ако во меѓувреме Врховниот суд не ги прогласи царините за нелегални.
Американскиот претседател е убеден дека приливот на средства од зголемените царини ќе биде доволен за да се исплати огромниот национален долг на владата. Трамп смета дека националниот долг од 37.000 милијарди долари всушност е „многу мал, релативно кажано“ бидејќи владата прима „невидени суми“ од царини.
Тие штотуку почнуваат да дејствуваат. На крајот нашите царини ќе носат над илјада милијарди долари годишно. Прво, го отплаќаме долгот, кој ги полуде луѓето. Кога ќе го отплатиме, ќе го поделиме вишокот со народот. Размислуваме за суми од 1.000 до 2.000 долари, тоа би било одлично, изјави Трамп во интервју за One America News Network.
Сметките покажуваат дека Американците ќе мораат да почекаат.
Федералната влада годинава остварила приходи од околу 214,9 милијарди долари од царини, објави „Фокс бизнис“, повикувајќи се на податоци од Министерството за финансии. Приходите од 31,3 милијарди долари собрани од царини во септември се за 73 милиони долари помали во споредба со рекордниот износ во август.
Министерот за финансии Скот Бесент очекува САД да генерираат најмалку 300 милијарди долари приходи од царини до крајот на оваа година.
Овие пресметки ќе зависат од одлуката на судовите дали царините се легални. Администрацијата ја обжали одлуката на Апелациски суд дека повеќето од царините на претседателот не се опфатени со закон за вонредни овластувања.
Случајот е префрлен до Врховниот суд, кој во првата недела од ноември треба да ги слушне усните аргументи. Ако највисоката инстанца пресуди дека царините не се легални, министерот Бесент предупреди дека владата ќе мора да се откаже од најмалку 750 милијарди долари од собраните и проектираните царински приходи.