Со новите законски измени што се најавуваат, пензионерите ќе можат да работат каде што сакаат и колку сакаат. Досега, со Законот за работно ангажирање лица, беше овозможено пензионерите да бидат сезонски ангажирани, односно три-четири месеци во годината, а не да бидат вработени. Со овој Закон, пензионерите можеа да работат само во угостителството, земјоделството и во услужните дејности, кои имаа недостиг на работници. Сега, од Владата најавуваат нов закон, со кој ќе се овозможи пензионерите да работат во сите дејности, без ограничување на работното време.

Сите работоспособни пензионери ќе можат да работат каде што сакаат и доколку сакаат, без да им „страдаат“ пензиите, се предвидува со новото законско решение што ќе стапи на сила од Нова година. Досега, со Законот за работно ангажирање лица, беше овозможено пензионерите да бидат сезонски ангажирани, односно три-четири месеци во годината, а не да бидат вработени. Со овој Закон, пензионерите можеа да работат само во угостителството, земјоделството и во услужните дејности, кои имаа недостиг на работници. Сега, од Владата најавуваат нов закон, со кој ќе се овозможи пензионерите да работат во сите дејности, без ограничување на работното време.

– Законот ќе се воспостави од 1 јануари 2026 година, меѓутоа работиме на една друга законска измена, која значи овозможување работа не само на одреден период или во одредени дејности каде што ќе може да се работи. Работиме комплетно за секој пензионер по 62., 64. година да ја прима својата пензија, а да може да биде здравствено пријавен, да добива плата и да му тече пензиско – најави заменик-министерот за социјална политика, труд, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

Тој додаде дека законската измена, за брзо време по локалните избори, ќе влезе во владина, па потоа во собраниска процедура.

– Со тоа, ќе овозможиме на пензионерите, на оние што сакаат да работат, да не им биде сопрена пензијата за сметка на нивната плата или да работат како непријавени хонорарци – додаде Велковски.

Од Организацијата на работодавачи за весникот ВЕЧЕР појаснуваат дека со новиот закон што се најавува, ќе може да се ангажираат пензионери во повеќе дејности и да работат подолго работно време, а не само четири часа.

– Со Законот за работно ангажирање лица, пензионерите можеа да работат само три-четири месеци во одредени дејности, само сезонски и на определен број часови. Меѓутоа, овој Закон не ги реши проблемите. Треба, по примерот на Германија, да се овозможи да работи секој пензионер во своја дејност, без ограничување на работните часови. Ако тој сака да работи четири часа, тоа треба да биде негово право, а не да се ограничи со закон. Што се однесува до придонесите, со законот е предвидено плаќање на придонесите за пензиско, но не и на придонесите за здравствено осигурување и повреда на работно место. Но, со законот не се предвиде процедура со која ќе се ревидира износот на стекнатата висина на пензија – вели Ангел Димитров, член на Управниот одбор на Организацијата на работодавачи.

Според него, работодавците очекувале дека Законот за работно ангажирање лица ќе биде полиберален и ќе го реши недостигот на работна сила. Но, не помогна многу околу решавањето на овој проблем, бидејќи имаше големо ограничување и затоа остави можност за сива економија.

– Новиот закон, кој се најавува од наредната година, предвидува пензионерите да работат не само на одреден период или во одредени дејности туку и да можат да работат каде што сакаат и колку можат. Освен што ќе ја земаат пензијата, пензионерите ќе може да бидат пријавени, ќе добиваат плата, ќе им тече пензиско. Законот предвидува и ревидирање на работниот стаж и зголемување на пензијата, но ќе видиме дали ќе може да се реализира сето тоа – појаснува Димитров.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека, според сегашниот Закон за пензиско и инвалидско осигурување, ако се стекнал пензионерот со право на пензија, не постои законска можност за промена на висината на пензијата.

– Ако се стекнал пензионерот со пензија, не постои законска можност за нејзино ревидирање, односно за зголемување на нејзината висина. Пензионерите можеа да работат со договор на дело и со авторски договор. Со тоа што работодавците што ги ангажираа имаа обврска да плаќаат само 10 отсто персонален данок. Значи, ако веќе си се стекнал со право за пензија, чија висина зависи од повеќе фактори: висината на стажот, висина на придонесите… во постојниот Закон не постои можност за нејзино ревидирање – изјавија од ССМ за весникот ВЕЧЕР.

Од ССМ појаснуваат дека газдите нема да прифатат да плаќаат придонеси и за здравствено и за пензиско осигурување, а, од друга страна, можноста за ревидирање ќе направи хаос во пензискиот систем. Тоа е комплицирана процедура, која ќе го бутне на колена и така осиромашениот Фонд за ПИОМ.

Пензионерите што работат сметаат дека со новиот закон, кој се најавува, може да се зголемат работните часови и пензионерите да работат во повеќе дејности, но се скептични дека може да се зголеми висината на пензијата врз основа на работниот стаж.