Цената на златото достигна рекордни 4.000 долари за унца, додека инвеститорите бараат сигурни места за вложување на своите пари среде економската и политичката неизвесност во светот.

Вредноста на златото расте најбрзо од 1970-тите и порасна за околу една третина од април, кога Доналд Трамп објави царини кои предизвикаа потрес во светската трговија. Златото се смета за безбедно засолниште за инвестирање, зашто се очекува да ја задржи или зголеми својата вредност во време на пазарни турбуленции или економски падови.

Цената на спот златото, што е неговата пазарна вредност за моментална испорака, се искачи на 4.036 долари за унца денеска во Азија.

„Невидениот раст на вредноста на златото во изминатиот месец ги надмина очекувањата на аналитичарите. Порастот е поттикнат и од слабеењето на американскиот долар и од непрофесионалните купувачи познати како малопродажни инвеститори кои купуваат злато“, изјави шефот за пазарната стратегија во водечката азиска банка „УОБ“, Хенг Кун Хау.

Малопродажните инвеститори, банките и богатите семејства сè повеќе се вртат кон златото, гледајќи го како заштита од глобалната економска неизвесност, вели аналитичарот Грегор Грегерсен.

„Златото ќе падне во одреден момент, но со оглед на економската средина, верувам дека е во тренд на пораст најмалку пет години“, рече тој.