Иако температурите се паднати под 12от степен – праг кој означува вклучување на радијаторите во домовите со централно парно греење, голем дел од жителите на Скопје во Центар, Аеродром и Кисела Вода се жалат дека мрзнат по дома а снабдувачот ЕСМ не им  одговара на повиците зошто се уште немаат топлинска енергија.

– Мораме да ја подигнеме граѓанската свест за колективно домување, еден стан да има проблем со внатрешната инсталација цела зграда ќе биде исклучена од топлинско снабдување бидејќи во спротивен случај може да се поплават – велат од ЕСМ за проблемите со парното греење кои не се настанати од дефекти на мрежата туку од станарите.

ЕСМ Снабдување со топлина

– На веб страната на ЕСМ граѓаните можат да видат во кој стан од нивната зграда е проблемот поради кој немаат парно греење, за да дејствуваат преку куќниот совет кој треба да создаде услови за нашите екипи да можат да работат. Во некои делови од Скопје се работи на оддржување на мрежата што е објавено и на веб страната, но во повеќето случаи се работи за поединечни проблеми во објектите, како неодржувана внатрешна инсталација, неплатени сметки за струја или друг вид неисправност во становите кои станарите треба сами да си ги средат а потоа да ни се јават нам преку Центарот за грижа на потрошувачи за да го вклучиме греењето во зградата.

Од ЕСМ додаваат дека екипите од подружницата ЕСМ Енергетика кои ги снабдуваат со топлинска енергија жителите на Железара, Сингелиќ и Ченто честопати имаат проблем со пристап до топлинските подстаници поради фекалии или други проблеми на непристапниот терен предизвикани од локалните жители. Од ЕСМ упатија апел секој да си создаде дома услови за топлинска енергија, пред да се бара вината кај снабдувачот.