Молчи Владата, молчи компанијата. Никој не дава информација дали 40. бензински пумпи на „Лукоил“ ќе продолжат да работат или се бара нов сопственик.

За вработените во „Лукоил Македонија“, кои ги има околу 500, петок, 21 ноември, кога е можно да се активираат американските санкции кон фирмата мајка, е денот Д, кон кој се движат во целосна неизвесност за својата иднина. Или, можеби ќе може да здивнат до 13 декември, до кога американската администрација го продолжи рокот за продажба на средствата на „Лукоил“ во странство.

Никој, ниту од матичната компанија, ниту од македонските институции им нема пратено абер ниту поразговарано со нив, што после овој датум – дали „Лукоил Македонија“ во чиј делокруг се  40 бензински пумпи и нафтен склад, ќе продолжи да работи, дали можеби ќе имаат нов сопственик, или пак, и за оваа подружница ќе важи продолжувањето на рокот до кога ќе треба да се продадат средствата на заинтереиран инвеститор (кој ќе треба претходно да добие виза и од американските власти).

За неизвесната атмосфера меѓу вработените сведочат повеќе граѓани кои ги користат услугите на „Лукоил Македонија“, а и самите имавме можност да се увериме додека полневме бензин на една од нивните бензински пумпи.

„Никој ни се нема обратено, ниту од компанијата, ниту од македонските институции“, вели еден од вработените. „Тука има луѓе кои што работат и по 18 години, кои што издржуваат семејства, кои што зеле кредити и треба да ги отплатуваат… Не знаме дали овој петок ќе ни биде последниот ден на работа“, вели тој.

Резигнираноста и неизвесноста е присутна кај сите 500 вработени во „Лукоил Македонија“. Компанијата е присутна во нашата земја од  2006 година кога во населбата Камник на влезот на Скопје, почна со работа првата бензинска станица на „Лукоил“ во Македонија. Групацијата во нашата земја е претставена со друштвото-ќерка „Лукоил Македонија“ ДООЕЛ, кое е дел од Балканска меѓурегионална група на компании и врши продажба на големо и мало на нафтени деривати. Во моментов компанијата работи со мрежа од 40 бензински станици и еден нафтениот склад. Најнова е бензинската пумпа во Гостивар беше пуштена во февруари годинава.

„Независен“ минатата среда испрати прашања до Владата, дали се размислува за преземање на компанијата во земјава или за некои слични мерки (како, на пример, во Бугарија, иако споредбата со тамошната рафинерија е можеби несоодветна), дали ќе се излезе со некаков пакет за помош на вработените, доколку се реализира најцрното сценарио за затворање на компанијата, и дали е можно компанијата да продолжи да работи под услов да се снабдува со нафта од други извори, како што тоа го посочи како опција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика. До денеска од Владата нема одговор на ниту едно од овие прашања.

Слични прашања упативме и до „Лукоил Македонија“ и до централата на компанијата, односно  дали продолжувањето на рокот за продажба на средствата на „Лукоил“ во странство се однесува и на Македонија, потоа што ако се опстои на санкциите, дали е можно одделна продажба на средствата на „Лукоил во Македонија“ (во Хрватска на пример за зборува за таква можност за пумпите во таа земја, се споменува словенечки „Петрол“, меѓу другите) и што после 21 ноември, (доколку се активираат санкциите), односно како ќе работи „Лукоил Македонија“. Но, и од таму не добивме одговор до пишувањето на текстот.

Во Хрватска на пример, според пишувањето на тамошните медиуми како еден од можните купувачи би можел да биде словенечкиот „Петрол“, пензионираниот генерал Иван Чермак, кој е експерт во тој дел од бизнисот, па дури се споменува и можноста работниците на „Лукоил“ во Хрватска да се организираат и да направат „откуп на менаџментот“, односно самите да се обидат да ја откупат компанијата за која работат.

Во оваа рана фаза, од сите споменати кандидати, само „Петрол“ коментирал за евентуалното купување.

„Во ‘Петрол’ не коментираме гласини, но редовно внимателно ги следиме пазарните услови и можностите за раст. Сите можни стратешки одлуки ги донесуваме внимателно, во согласност со нашите долгорочни цели и рамки за управување со ризици, додека доследно ги почитуваме прописите и обврските“, се вели во соопштението на компанијата.

„Лукоил“ работи во Хрватска веќе 18 години. Има околу 400 вработени. И таму, секој од нив се прашува за истото – што ќе се случи по 21 ноември, кога ќе стапат во сила санкциите на САД за оваа руска компанија, пишува регионалниот портал „СЕЕбиз“.

Инаку, вчера новинските агенции јавија дека Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ) на Министерството за финансии на САД издаде лиценца со која се дозволува трансакциите поврзани со продажбата на меѓународните средства на „Лукоил“ да продолжат до 13 декември. На четири компании на „Лукоил“ што работат во Бугарија им се доделени лиценци до 29 април 2026 година.

Исто така, трансакциите поврзани со продажбата, одржувањето и работењето на бензинските пумпи на компанијата во странство се дозволени до 13 декември, објави „Политико“.

Американскот министерството одобри до 29 април 2026 година операции во кои учествуваат некои компании на „Лукоил“ во Бугарија: „Лукоил Нефтохим“ Бургас, „Лукоил Бугарија“, „Лукоил Авиејшн Бугарија“, „Лукоил Бугарија Бункер“, како и структури во кои овие компании поседуваат 50 проценти или повеќе од акциите.

Лиценцата важи и за операции со „Роснефт“ за проектот за поле Карачаганак во Казахстан. Претходно, САД им дозволија само на Конзорциумот за Касписки гасовод и Тенгизчевроил да вршат операции со „Лукоил“ и „Роснефт“.

Руската нафтена компанија „Лукоил“ објави дека е во преговори со неколку купувачи за продажба на своите меѓународни средства.

„Лукоил објавува дека се во тек преговори за продажба на своите меѓународни средства со неколку потенцијални купувачи. Конкретен договор ќе биде објавен по постигнувањето на конечните договори и добивањето на потребните регулаторни одобренија“, се вели во соопштението.

Компанијата нагласува дека презема сите мерки за да обезбеди непречено работење на компанијата за време на процесот на продажба и пренос на средства, да спречи прекини во снабдувањето со енергија и да зачува работни места.

„Лукоил“ подоцна објави дека ќе ги продаде своите средства во странство, но сè уште не пронајде купувач откако договорот со швајцарската фирма „Гунвор“ пропадна кога Вашингтон го блокираше. Американската фирма за приватен капитал „Карлајл“ размислува да ги купи огромните меѓународни удели, според Ројтерс. Потенцијалните купувачи сега имаат рок до 13 декември да преговараат со „Лукоил“.

Се очекува Вашингтон да одобри продажба само ако целосно бидат прекинати врските со „Лукоил“ и средствата од таа продажба се стават на блокирана сметка до која „Лукоил“ нема да може да пристапи додека не се укинат санкциите.

Санкциите на Трамп ги натераа европските земји да се борат да спречат прекини на снабдувањето со гориво. Германија доби шестмесечно ослободување за нејзината рафинерија „Шведт“, во сопственост на „Роснефт“, што беше формализирано од Вашингтон во петокот, додека Бугарија презеде чекори кон национализација на огромната рафинерија „Лукоил“ во Бургас.

Унгарија доби едногодишно ослободување за да продолжи да купува руска нафта по посетата на премиерот Виктор Орбан на Белата куќа претходно овој месец.

Бугарското Министерство за енергетика во соопштението изјави дека потегот на САД „е директен резултат на интензивните активности, преговори и дипломатски разговори што ги спроведуваме од првиот ден за да обезбедиме стабилност, предвидливост и спокојство за бугарските граѓани и бизниси“.

Британската канцеларија за спроведување на финансиски санкции, исто така, додели лиценци за „Лукоил Бугарија“ ЕООД и „Лукоил Нефтохим“ Бургас АД. Вториот управува со единствената рафинерија за нафта во земјата во Бургас.

Ројтерс во четврток објави дека американската фирма за приватен капитал „Карлајл“ истражува опции за купување на странски средства на „Лукоил“, според извори запознаени со ситуацијата. „Карлајл“ барал да аплицира за американска лиценца што ќе ѝ дозволи да ги купи средствата пред да започне со длабинска анализа, изјави еден од изворите

Аналитичарите изјавија дека „Карлајл“ е посоодветен за добивање одобрение од САД за купување на средствата, во споредба со швајцарскиот трговец со стоки „Гунвор“, кој претходно се откажа од договор со „Лукоил“ откако Министерството за финансии ја нарече трговската куќа „марионета“ на Кремљ во објава на социјалните медиуми. „Гунвор“ остро не се согласи со таа карактеризација.

Други фирми низ целиот свет, исто така, разгледуваат понуди за делови од империјата на „Лукоил“, објави „Ројтерс“ во среда. Меѓу нив се казахстанската државна фирма „КазМунајГас“ (KMGZ.KZ), која отвора нова компанија, и европскиот нафтен гигант „Шел“ (SHEL.L), кој отвора нова компанија, велат изворите.

„Лукоил“ има три рафинерии во Европа, како и удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет и Нигерија. Исто така, има стотици малопродажни бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.

Меѓународните средства на „Лукоил“ се проценуваат на околу 22 милијарди долари, врз основа на поднесувања од 2024 година.