Од илјадници граѓани УЈП бара да платат данок за приливи кои ги добивале од странство – ако работеле на брод, во Авганистан, или се ИТ фриленсери

Стотици граѓани деновиве ги „окупираа“ шалтерите и канцелариите на Управата за јавни приходи во Скопје и во подружниците низ целата земја, откако на нивна адреса стигнаа решенија за плаќање данок за приливите што ги имале од странство пред пет години, колку што е и законскиот рок пред да застарат побарувањата. Некои обврската ја прифаќаат мирно и без поговор ги уплаќаат средствата, некои се зачудени, други, пак, револтирани.

Граѓани кои добиле решение за плаќање данок по овој основ сведочат за „Независен“ за она што се случува во скопската УЈП, а особено пред фамозната канцеларија 102.

„Чекав два часа, десетици луѓе чекаат да се објаснат со службениците на УЈП“, вели еден граѓанин, кој добил решение за плаќање данок за примен хонорар од Германија пред пет години, во 2020. Тој вели дека данокот за хонорарот бил платен во Германија од институцијата која што ја извршила уплатата, но не може да го докаже тоа, бидејќи пред неколку месеци ги фрлил сите документи во врска со оваа трансакција. Тој е шокиран од пресметката за приливот на УЈП од осумдесетина илјади денари за само шест месеци затоа што таа е многукратно поголема од она што легнало на неговаата сметка. Сега спасот го гледа во добивање извод од приливите од банката преку која биле реализирани трансакциите.

Ова не е единствен случај. Карактеристичен е примерот на жена која добила  3.000 денари како подарок од близок роднина за да купи новогодишни пакетчиња за децата.

„Банката како провизија ми задржа околу 600 денари, сега УЈП ми бара уште 300. Излегува дека наместо 3.000 добивам само 2.100 денари“, вели таа.

На мета на УЈП се и луѓе кои изминатите години работеле во ризични подрачја како на пример во Авганистан и кои таму отишле од немајкаде, затоа што тука не можеле да најдат вработување.

„Парите кои таму ги заработив ги вложив во изградба на куќа, а сега ми бараат илјадници евра. Од каде?“, вели еден од нив.

Уште покарактеристичен е случајот со жена која добила пари за алиментација од поранешниот сопруг на работа во една од европските држави. Сега и за тој прилив УЈП бара да плати данок.

Побарувања да платат данок добиваат и лица кои целосно ја исполниле својата обврска. За ова сведочи фриленсер кој откако добил решение да плати одреден износ како данок, прочепкал по даночните пријави од пред четири-пет години и открил дека давачката е целосно платена, односно дека откако добил годишна даночна пријава, направил корекција со дополнителните приходи и за тоа платил данок откако од УЈП добил соодветно решение.

„Отидов во УЈП и им ја приложив коригираната даночка пријава и уплатата, без проблеми беше прифатено од вработените таму“, вели тој, додавајќи дека сепак, за да докаже дека е во право потрошил прилично време, прво да ги најде документите од пред неколку години, а потоа и да оди и да чека во УЈП.

Граѓаните се цели во прашалници. Кои приходи се оданочуваат, дали ако во странската земја е платен данок треба и кај нас, што е со дознаките кои нашите иселеници ги праќаат во земјава на своите блиски…

„Независен“ упати повеќе прашања до УЈП, но до пишувањето на овој текст не добивме одговори.

Во меѓувреме, познавачи на состојбите велат дека, вака како што се спроведува,  пристапот е „да се оданочува сѐ“, а исклучок би можело да се направи за оние што работат во меѓународни организации, но под одредени услови. За дознаките велат дека во банките имале две шифри и зависно како биле впишувани.

УЈП, инаку, е една од неколкуте институции којашто има пристап до банкарските сметки, па може да провери дали приливите таму соодветствуваат со она што е пријавено во годишните даночни пријави, така што оние кои што мислат дека можат да ја избегнат обврската, се лажат.

Деновиве во интервју за ТВ 21, директорката на УЈП, Елена Петрова, изјави дека до сега биле испратени околу 7.400 покани до граѓаните.

„Имаме нешто над 1.000 доброволно поднесени пресметки од граѓаните за пријавување на нивниот доход и нормално оданочување и речиси 200 донесени даночни решенија“, вели Петрова.

Таа посочува дека македонски граѓани кои работеле на брод, во Авганистан, биле на печалба низ други земји во изминатите пет години, како и фриленсерите кои работат од тука за странска компанија, треба да ги пријават таквите приходи, а УЈП ќе утврди дали и колку персонален данок треба да платат тука.

„Доколку со таа земја имаме договор за избегнување на двојно оданочување, УЈП утврдува дали имаат даночен кредит или целосно ослободување, или и тука ќе треба да доплатат данок, а може да треба да платат тука и да си бараат поврат од другата земја“, изјави Петрова во емисијата „Бизнис 21“.

Таа објасни дека 2020 е годината до кога можеле да се враќаат затоа што тоа е законскиот лимит во кој што УЈП може да постапува. Според неа станува збор за „универзално правило“ и сите наши резиденти имаат обврска данокот да си го платат во земјава. Под резиденти се подразбираат лицата кои најмалку 183 дена во годината постојано, или со прекин, живееле во Македонија.

Петрова посочи дека во првата група граѓани кои се обврзани да го пријават и платат данокот на доход остварен во странство се лица кои живеат во Македонија, а работат за странски компании – како фриленсери, ИТ-услуги и други интелектуални услуги. Доколку исплатувачот во странство веќе платил данок, граѓанинот може да користи даночен кредит со валидна документација.

Во втората група се граѓани кои привремено работат во странство, но го задржуваат живеалиштето во Македонија. Ако престојуваат најмалку 183 дена во земјата, тие се сметаат за даночни резиденти и мора да го платат данокот тука.

На крајот се граѓаните кои живеат во странство и ако државата во која живеат нема договор со Македонија за одбегнување на двојно оданочување, тие не се сметаат за резиденти и немаат обврска кон УЈП. Но, ако се во земја која има склучен таков договор, правилата за оданочување од меѓународниот договор имаат сила на закон и се применуваат во целост.

Реакциите кај граѓаните се мешани. Од оние кои велат дека данокот мора да се плати, до други кои укажуваат дека ваквиот „ударнички“ пристап на УЈП може да даде и спротивни ефекти.

„Во земјава преку банкарски канали се влеваат стотици милиони евра, долари, франци, како дознаки од странство. Ако и тие се оданочуваат тогаш лесно може ваквите канали да пресушат и парите да се праќаат преку брз трансфер или пак по пријатели, или роднини на рака. Или, кај фриленсерите, тие лесно можат да ги добиваат парите преку странски банки и таму да ги повлекуваат средствата“, коментираат граѓани.

За други, ваквиот потег на даночната управа е само уште еден доказ дека нема доволно пари во Буџетот и дека се бараат сите начини да се пополнат се поголемите потреби.