За пет години растот на синдикалната минимална кошница далеку ги надминува зголемувањата на минималната и просечната плата, што директно укажува на пад на животниот стандард.
Колку просечни плати се потребни за да се наполни синдикалната кошничка денес, а колку биле потребни пред пет години? „Слободен печат“ направи анализа врз основа на податоците од Синдикалната минимална кошничка (СМК) на Сојузот на синдикати на Македонија за периодот од 2021 до 2026 година.
Според ССМ, растот на СМК далеку ги надминува зголемувањата на минималната и просечната плата, што директно укажува на пад на животниот стандард. Иако на прв поглед статистиката покажува раст на платите во последните пет години, подлабоката анализа открива загрижувачка реалност, животот станува сè поскап, а граѓаните сè потешко ги покриваат основните трошоци.
Во април 2021 година, вредноста на синдикалната минимална кошница (СМК) изнесувала 33.976 денари. Во истиот период, минималната плата била 15.194 денари, додека просечната плата достигнувала 28.438 денари.
-Овие бројки за едно четиричлено семејство значеле дека ќе може да ги покрие основните животни трошоци, со 2,24 минимални плати или 1,19 просечни плати. Со една просечна плата можеле да се покријат околу 84 проценти од синдикалната кошница – велат од ССМ.
Пет години подоцна, сликата значително се менува, но не во корист на граѓаните. Во април 2026 година, синдикалната минимална кошница достигнува 68.797 денари, што претставува раст од над 102 проценти. Во меѓувреме, минималната плата се зголемува на 26.046 денари, а просечната на 46.617 денари. Иако овие бројки на прв поглед изгледаат охрабрувачки, реалноста е поинаква.
Денес, за покривање на основните трошоци за живот, на едно семејство му се потребни околу 2,64 минимални плати, значително повеќе отколку во 2021 година. Дури и со просечна плата, граѓаните не можат да ја покријат целосно синдикалната кошница, бидејќи таа покрива само 68 проценти од потребните средства. Ова претставува сериозен пад во однос на 2021 година, кога просечната плата покривала 84 проценти од основните трошоци.
Растат трошоците на живот
Во периодот од 2021 до 2026 година, синдикалната минимална кошница пораснала за 102,5 проценти. Во исто време, минималната плата е зголемена за 71,4 проценти, додека просечната плата бележи раст од 63,9 проценти. Овие податоци јасно покажуваат дека трошоците за живот растат многу побрзо од приходите на граѓаните.
Овој тренд има сериозни последици врз секојдневниот живот. Сè поголем број семејства се соочуваат со финансиски притисок, принудени да кратат на основни потреби како храна, енергија и здравствена заштита. Зголемувањето на цените на храната, комуналните услуги и кириите дополнително ја влошува состојбата, оставајќи мал простор за заштеда или подобрување на квалитетот на живот.
Економските експерти предупредуваат дека ваквиот јаз помеѓу платите и трошоците за живот може да доведе до долгорочни последици, вклучувајќи зголемување на сиромаштијата, намалена куповна моќ и забавување на економскиот раст. Иако номиналниот раст на платите често се претставува како успех, реалната слика покажува дека граѓаните денес можат да си дозволат помалку отколку пред пет години. Оваа разлика помеѓу номиналниот и реалниот раст е клучна за разбирање на економската состојба.
Работничка сиромаштија
Според официјалните бројки, сè поголем е ризикот од „работничка сиромаштија“ – состојба во која луѓето се вработени, но нивните приходи не се доволни за покривање на основните животни трошоци. Овој феномен станува сè поизразен и претставува сериозен предизвик за економските политики.
Во крајна линија, податоците за периодот од 2021 до 2026 година испраќаат јасна порака – номиналниот раст на платите не е доволен ако не е проследен со контролиран раст на трошоците. Без тоа, граѓаните ќе продолжат да се соочуваат со сè потежок економски живот и покрај формалниот напредок во бројките.