Државата преку Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од продажба на станови, гаражи и подруми во објекти во изградба очекува годинава да наплати 255 милиони денари, или околу 4,2 милиони евра, средства со кои ќе се финансира понатамошната изградба на другите инвестиции.

Во годишната програма предвидена е работа и на три згради во Битола и две во Охрид. За овие изградби во 2024 ќе бидат потребни 430 милиони денари, што е 7 милиони евра. Станува збор за 549 станови со вкупна површина 33.830 метри квадратни.

– Завршување и предавање во употреба на објектите се предвидува во текот на 2025-2027 година. Досегашниот напредок на овие објекти изнесува 4 отсто, во 2024 година ќе се реализираат 22 проценти, а останатите 74 отсто ќе се реализираат во 2025-2027 година, посочуваат од акционерското друштво, јави фактор.мк.

За да се изградат овие згради до сега се инвестирани само 84 милиони денари (900.000 евра), а ќе бидат потребни уште две милијарди денари (32,6 милиони евра) за нивно завршување.