По децениската неуспешна борба со нелегалните осигурителни попусти за автоодговорност во Република Српска, Агенцијата за осигурување се одлучи на драстични казни за Сараево осигурување и Адриатик осигурување. Во Република Српска во последниот период постојат сериозни нарушувања на законот во авто-одговорноста, но ова е прва поголема казна во осигурувањето со што се наложува затворање на филијалите на овие две компании во Бања Лука.

Дополнително полисите кои што овие две компании ги продале во периодот од 27.04 до 27.05 нема да бидат важечки. „Мерката за забрана се однесува само за полисите за автоодговорност, останатите полиси не се стопирани” изјавија од агенцијата за осигурување.

Забраните за работа на осигурителните компании не е завршена, од агенцијата најавуваат пломбирање на вратите на уште осигурителни компании кои не ги почитувале правилата за  работа и давале нелегални попусти.

 

 

 

„Утврдивме дека Сараево осигурување и Адриатик осигурување не се придржувале до правилниците и законот кој е јасен. Сите мора да работат по утврдена тарифа, а овие осигурителни друштва давале попусти во износ од 50 до 100 конвертабилни марки. Не можам да ги кажам другите имиња на друштвата но сигурно ќе има уште кои ќе се затворат. Во зависност од прекршокот може да бидат затворени и до 180 дена. Во оваа акција ни помогна и МВР на Република Српска кои го спроведоа нашето решение” изјави директорот на агенцијата Славен Дујакович.

Додека директорот на Сараево осигурување, Мухидин Оловчиц кажа дека е изненаден од одлуката на агенцијата, наведувајќи дека се придржувале до насоките кои се за сите осигурителни компании. За евентуална тужба против агенцијата ќе се разговара на денешниот состанок.

„Ги почитуваме правилата кои се зададени. Целата наша работа е транспарентна. Агенцијата за осигурување претпоставувам нашла аргумент за оваа одлука, но за сè ќе се разговара со управата на компанијата.”

За разлика од Сараево осигурување, Адриатик осигурување не беа расположени за изјава, и не сакаа да искоментираат дали давале нелегални попусти.

Давањето попусти при склучување на полиси за автоодговорност е проблем кој постои и во Македонија. Тоа е проблем кој произлегува од нелојалната конкуренција. Одредени компании даваат поклони за крајните корисници иако тоа се коси со пазарот. За тоа дали нашата Агенција за Супервизија на Осигурувањето наскоро ќе почне да превзема слични мерки ќе пишуваме наскоро.