Агенцијата за осигурување во Република Српска изрече драстични казни и привремено ги затвори филијалите на Сарајево осигурање и Адриатик осигурање во Бања Лука. За овие мерки Агенцијата се одлучи откако двете компании не реагираа на опомените упатени до нив во врска со нелегалните попусти за осигурување од АО.

Граѓаните се известени дека полисите склучени во периодот од 27.4 до 27.5 нема да бидат важечки доказ за осигурување. Во службеното известување се нагласува дека ова важи само за полисите за осигурување од АО, но не и за другите типови на осигурување.

 

„Утврдивме дека Сарајево осигурање и Адриатик осигурање не ги почитуваа јасните насоки. Сите мора да работат по тарифи, а овие агенции даваа попусти од 50 до 100 конвертибилни марки (1.500-3.000 денари).“, стои во објавата на Агенцијата. Од таму нагласуваат дека ова не се единствентие компании кои ќе бидат казнети, меѓутоа не ги откриваат имињата на останатите на кои им прети пломба на вратата, за некои и од 180 дена.

Давањето попуст на полиси за осигурување од автоодговорност и зелен картон се строго забранети и во Македонија. Со непочитување на овие законски одредби компаниите може да  се доведат во ситуација да бидат парично санкционирани или трајно да им биде одземена лиценцата од страна на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.