Косовските медиуми објавија дека Косово има политичка волја да ѝ продаде на Македонија три милиони тони јаглен. Додека се чека јагленот од Косово за да се покријат потребите, струја се увезува од Албанија по рекордна цена од 325 евра за мегават/час. Ова го потврдија од Стопанската комора за енергетика, од каде што велат дека ЕСМ сака да ја скрие информацијата од каде набавува струја

Косово се согласи да ни продаде три милиони тони јаглен со кој ќе се обезбедат потребните количества за производство на струја од домашните енергетски капацитети. Во меѓувреме додека се чека јагленот од Косово за да се покријат потребите, струја се увезува од Албанија по рекордна цена од 325 евра за мегават/час. Покрај граѓаните, кои по Нова година ги чека енергетски и ценовен шок, и компаниите се пожалија дека се во многу тешка ситуација. Покрај струјата, која во последните два месеца им е зголемена од 100 до 300 отсто, од Нова година ќе се зголеми и цената на гасот за индустријата.

Од Стопанската комора за енергетика велат дека власта прави нови енергетски криминали преку набавка на струја од нелиценцирани снабдувачи од Албанија по рекордна цена од 325 евра за мегават/час.

– Надлежните институции ја донесоа Македонија во енергетска и економска криза. Во меѓувреме ЕСМ веќе не кажува од каде и по која цена набавува струја. ЕСМ сакаше да скрие информација од каде ја набавува струјата, бидејќи тоа го правела од некоја албанска компанија без лиценца по рекордна цена од 325 евра за мегават/час, вели претседателот на Стопанската комора за енергетика, Ѓорѓи Манасков.

Потврда на ваквото тврдење на Манасков е фактот дека ЕСМ повеќе од еден месец не ги објавува дневните извештаи за купената електрична енергија и покрај тоа што има законска обврска за тоа.

Во меѓувреме, косовските медиуми објавија дека Косово има политичка волја да ѝ продаде на Македонија три милиони тони јаглен.

– Министерството за економија на Република Косово прифати да отвори дебата, односно консултации околу модалитетите на потенцијалниот договор. Од политичкото ниво е дадена согласност и изразена добра волја компаниите да ја продлабочат соработката и техничките детали да се прецизираат во текот на преговорите, се вели во одговорот на косовското министерство.

По која цена и во која динамика би се купувал јагленот, информации засега нема, но според пресметките набавката на јаглен ќе ја чини државата повеќе од 50 милиони евра, сепак ова е најевтина варијанта со оглед на фактот дека цената на струјата на европските берзи се качи над 400 евра за мегават/час.

Според енергетските експерти практично единствена опција е да се потпреме на косовскиот пазар, каде што еден тон јаглен чини 8 евра, но додека да пристигне во Битола, цената ќе се зголеми на 28 евра по тон. Од друга страна, проблем ќе биде и транспортот, особено поради фактот што железницата е нефункционална за транспорт и ќе треба да се користат камиони.

Според последните информации највисока цена на струјата во Европа има Франција – 442,88 евра за мегават/час, на австриската берза струјата чини 434,34 евра за мегават/час, во Белгија цената е 432,99 евра за мегават/час, а во Грција струјата се продава за 342,35 евра за мегават/час.