„Турбината е тука и може да биде испорачана. Само треба некој да каже сакам да ја добијам и сѐ ќе оди брзо“ порача канцеларот Олаф Шолц кој во градот Милхајм на Рур демонстративно се сликаше со турбината за гас во компанијата Сименс Енерџи.

Турбината всушност одамна требаше да биде вратена во Русија и да се користи за гасоводот Северен тек 1. Околу 1800 гигават часови – толкава е количината на гас која Русија може да ја „испумпува“ низ гасоводот, но во моментов кон Германија течат само 350 гигават часови.  Рускиот претседател Владимир Путин  обвини дека причината за тоа е турбината која недостасува во системот, додека за германската влада  намалената испорака е политички мотивирана.

Русија може да испорачува без ограничувања

 Нема никаква пречка да се испорача турбината за гас во Русија, рече канцеларот.

„Само руските претставници треба да кажат дека ја сакаат турбината и да ги дадат потребните податоци за царински транспорт кон Русија,“ рече канцеларот. Шолц нагласува дека Газпром во секое време може непречено да си ја врши испораката кон Европа.

Ова е политичка изјава. Фактички, германската влада веќе и не се потпира на тоа дека Русија повторно целосно ќе ја отвори славината за гас. Со полна пареа се бараат алтернативни решенија. Германските  електрани на јаглен   кои беа ставени на ред за затворање, од сега па најмногу до девет месеци, може повторно да бидат вклучени во мрежата со цел да се отстранат од електраните на гас, кои во моментов произведуваат околу десет проценти од струјата во Германија.

Светска побарувачка за јаглен

Германскиот канцелар Олаф Шолц зборува дека е ова „итна мерка со ограничен временски рок која не смее да ги наруши климатските цели“. Всушност Германија се обврза најдоцна до 2038 година  да ги затвори електраните на јаглен.   „Она што не смее да ни се случи е да западнеме во глобална ренесанса за енергија од фосилни горива и особено од јаглен,“ предупреди канцеларот.

Меѓутоа ако се анализираат податоците, се чини дека глобално се случува токму тоа. Никогаш досега толку јаглен не бил претворен во електрична енергија колку лани. Според проценките на Меѓународната агенција за енергија, ИЕА, во 2022 година, производството и побарувачката на јаглен би можела да расте како никогаш досега, а ваквиот тренд се очекува и во следните години.