Како до алтернативни извори на енергија

Енергетската зависност на Македонија од година на година се зголемува, а како што укажуваат упатените во енергетиката, тоа било и очекувано поради недостигот од енергетски ресурси. Според нив, неопходно ќе биде во следниве години да се зголеми искористеноста на обновливите извори на енергија, а паралелно со тоа да се зголемува и енергетската ефикасност.
– Македонија нема енергетски ресурси како нафтени деривати и природен гас. Тоа се увезува 100 проценти, што финансиски значи околу 200 милиони евра годишно, а во последните десетина години имаме и значителен увоз на електрична енергија што годишно чини околу 120 милиони евра. Значи Македонија за енергетски потреби, индустриски потреби и за транспорт годишно дава и над 300 милиони евра за енергетски ресурси од увоз. Домашните енергетски ресурси се лимитирани на јаглен со ниска енергетска вредност или на лигнит, кој се користи во ТЕЦ „Битола“, на хидроенергетски ресурси и ресурси од обновлив тип, како сончева енергија и енергија од ветер, а се користи и биомаса.

Намалување на потребата од увозна енергија е практично невозможно. Домашните ресурси незначително ќе ја поправат ситуацијата со увозна енергија. Може да се дејствува со градење нови хидроенергетски капацитети (Чебрен, Вардарска Долина и др.), градење фотоволтаични централи и ветерни централи. Сепак, градбата на фотоволтаични производствени постројки и ветерни централи треба да биде контролирана и со моќност соодветна на инсталираните капацитети од термоцентрали и хидроцентрали во електроенергетскиот систем – објаснува универзитетскиот професор Антон Чаушевски.

Потребите не се покриваат само од обновливи извори

Тој посочува дека во согласност со енергетската стратегијата на Македонија се форсира изградба на фотоволтаични и ветерни централи, како и нови хидроцентрали, кои се од обновлив тип, и истакнува дека ваквите постројки интензивно се градат и ќе се градат следните пет до десет години. Сепак, тој додава дека истите тие можат само да ги ублажат потребите од увозни енергетски ресурси.
– Не може во целост да се покријат енергетските потреби само со обновливи извори на енергија (ОИЕ). Ублажување на енергетската зависност може да се постигне и на други начини, како со имплементација на мерки за енергетска ефикасност, односно со рационално користење на енергетските ресурси (за затоплување, електрична енергија, ладење и вентилација…). Тука влегуваат мерки како, термичка изолација на објектите, користење на централното греење во објекти што се близу топлификациската мрежа, топлотни пумпи за греење и ладење, ефикасни електрични уреди, ЛЕД-осветление и друго – додава Чаушевски.

Наедно професорот посочува дека масовното користење на постројки од ОИЕ зависи од природните можности на земјата, а користењето современи уреди од ОИЕ, како електрични и/или хибридни возила, сепак претставува привилегија на богатите економии и земји така што, според него, Македонија сѐ уште е далеку од вакви енергетски развојни стратегии.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2018 година вкупното бруто-примарно производство на енергија во Македонија изнесувало 43,6 отсто од вкупно потребната енергија, а во 2019 година – 40,1 проценти.
– Високиот процент на увозна зависност во Република Северна Македонија се должи на зависноста од енергенти, како природен гас и нафтени производи, кои целосно се увезуваат, и 9 проценти цврсти горива, како јагленот (во 2018 г.). Покрај тоа, околу 30 отсто од потребите за електрична енергија се задоволуваат од увоз. Главна заложба на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година е да се одржи исто ниво на енергетска зависност во 2040 година, а притоа да се подобри севкупната интеграција на европските пазари. Македонија не поседува многу опции за намалување на зависноста од увоз, затоа што освен домашното производство на електрична енергија и употребата на биомаса, пред сѐ за греење, ги увезува сите други енергенти. За да се намали зависноста од увоз, покрај инвестициите во електроцентрали на ОИЕ, неопходно е да се електрифицира секторот за греење и ладење, како и транспортниот сектор со инвестирање во ОИЕ – објаснуваат од Министерството за економија.

Како до помал увоз на енергија

Од министерството додаваат дека за намалување на зависноста од увоз се поставени повеќе цели, како зголемување на енергетската ефикасност, потоа понатамошно создавањето позитивна инвестициска клима за ОИЕ, континуирано одржување и подобрување на мрежата за пренос и дистрибуција, зголемување на бројот на потрошувачи-производители и создавање систем на гаранции за потекло што ќе ја зголеми вредноста на проектите од ОИЕ. Оттаму додаваат дека во насока на поддршка и стимулација на производството на струја од ОИЕ, воведени се пазарно ориентирани мерки за поддршка, наречени премии. Производител на струја стекнува статус на повластен производител што користи премија ако инсталираната моќност на електроцентралата не надминува 30 мегавати за фотоволтаичната централа.

Во земјава од 2015 година функционира ветерната електроцентрала „Богданци“ со инсталирана моќност 36,8 мегавати. Во согласност со одлуките на Владата се очекува инсталираната моќност на ветерниците во наредните години да се зголеми за дополнителни 113,2 мегавати. Во насока на искористување на ОИЕ, ЕСМ започна изградба на фотонапонска електроцентрала „Осломеј 1“ со инсталирана моќност од 10 мегавати, на местото на постојната термоцентрала.
– ТЕ „Осломеј“ е втора по големина термоцентрала во државата, со еден блок од 125 мегавати инсталирана моќност, и е во сопственост на АД ЕСМ. Финансиски средства за овој проект се обезбедени преку заем од ЕБОР – Европска банка за обнова и развој, без државна гаранција. Исто така на локацијата на ТЕ „Осломеј“ е планирана нова фотонапонска електроцентрала „Осломеј 2“, со иста инсталирана моќност. АД ЕСМ e планирано да биде дел од проектот изградба на фотонапонска електрана со инсталирана моќност од 2×40 мегавати во кругот на ТЕ „Осломеј“ – ФЕ „Осломеј 3“ со јавно-приватно партнерство. На 26 март 2019 година, АД „Електрани на Северна Македонија“, во соработка со Европската банка за обнова и развој, распиша меѓународен тендер за изградба на фотоволтаична електроцентрала во рамките на термоцентралата „Осломеј“, Кичево, односно на локацијата на исцрпениот рудник со јаглен. Проценетата вредност на овој проект е од 60 до 80 милиони евра. Огласот беше отворен до 28 септември 2020 година и во тек е евалуација на понудите – појаснуваат од министерството.

Уште еден пристап до природен гас?

Надлежните информираат дека Владата има амбициозен план за гасификација и природниот гас е едно од горивата што значително ќе придонесе за енергетска транзиција до 2040 година.
– Бидејќи има само еден интерконективен гасовод (со Бугарија), за да се исполнат целите за намалување на стакленичките гасови и да се подобри снабдувањето со конкурентни цени, целта е да се спроведат проектите за изградба на интерконекциите за природен гас со Грција, Косово и со Србија. Преку гасоводот кон Грција, Македонија може да пристапи до Трансјадранскиот гасовод преку грчкиот преносен систем (ДЕСФА), кој носи природен гас од каспискиот регион во Европа, но исто така ќе овозможи пристап до светските пазари на ЛНГ преку Грција. Се очекува овој проект да овозможи пристап до пазарите на гас и да стимулира влез на трговците со природен гас на македонскиот пазар – појаснуваат од МЕ.
Од министерството, наедно истакнуваат дека ваквите потези ќе овозможат поголема конкуренција и пазарно утврдување на цената на гасот што обезбедува одржливост на гасниот сектор по конкурентна цена.

– За интерконекција со Грција е поднесено барање за техничка помош (100 отсто грант) за изработка на тендерска документација за градба и надзор над градежништвото. Должината на трасата на нашата територија е 66 километри и поминува по должината на трасата на нафтоводот. Истото тоа е одобрено. Гасоводот до Србија може да обезбеди дополнителен алтернативен извор и можност за транзит на македонскиот систем, додека врската со Косово може да обезбеди можност за транзит, бидејќи студијата за оправданост на средствата, за Косово покажува голема побарувачка на гас што може да достигне 1 милион нормални кубни метри. И двете интерконекции можат да ја зголемат стапката на искористеност на системот, со тоа имаат потенцијал да ги намалат тарифите и да помогнат во напорите за гасификација во Македонија – додаваат од министерството.
Оттаму појаснуваат дека проектите за гасоводи до Косово и до Србија се наоѓаат на прелиминарната листа (Проекти од заемен интерес на Енергетската заедница) што треба да биде усвоена од Министерскиот совет на Енергетската заедница на крајот на 2020 година.

– На подрачјето на пазарот на природен гас, кој е целосно либерализиран, е извршена ревизија на студијата за оправданост на средствата за развој на дистрибутивен гасоводен систем и е почната нова постапка за доделување Договор за воспоставување јавно-приватно партнерство преку конкурентен дијалог. Две компании доставија понуди во првата фаза од постапката – претквалификација. Предвидено е со проектот да се гасифициираат индустриските потрошувачи, домаќинствата и јавните установи. Напоредно во државата АД НЕР ја развива гасната инфраструктура за пренос на природен гас – заклучуваат од Министерството за економија.