Сточарите имаат оставено многу женски јагниња од минатата година кој не можат да ги прехранат бидејќи сточната храна поскапе. Субвенциите за оставено женско јагне требаше да ги добијат уште минатата година во јули, но сè уште ги чекаат

Сточарите немаат веќе трпение да ги чекаат субвенциите, најавуваат протести и блокирање на патиштата низ државата. Велат дека сите рокови за исплата на субвенциите се пробиени, сѐ уште ги немаат добиено ветените пари за минатата 2020 година, а веќе календарски изминува шестиот месец од 2021 година. Освен субвенциите сточарите не добија помош ниту од ковид мерките, а не им се исплатени ниту субвенциите за оставено женско јагне кои требаше да ги добијат уште минатата година во јули.

Во неколку наврати се најавуваше дека субвенциите ќе бидат исплатени најпрво во март или април, потоа во мај или јуни, но и по измината половина година, субвенциите за 2020 ги немаат добиено. Крајниот рок за исплата на субвенциите на сточарите по календар е 30 јуни, но изминатите години истите се исплаќаа уште во февруари.

Од Сојузот на одгледувачи на овци за ВЕЧЕР велат дека ќе ги искористат сите легитимни средства за да си ги добијат субвенциите, бидејќи имаат оставено многу женски јагниња од минатата година кој не можат да ги прехранат бидејќи сточната храна поскапе.

-Субвенциите за оставено женско јагне требаше да ги добиеме уште лани за време на жетвата, односно во текот на месец јули или август, но сè уште ги чекаме. Овие субвенции требаше да го постигнат ефектот, односно да се остават повеќе женски јагниња за да се амортизира ударот од пандемијата врз извозот. Многу од сточарите имаат оставено повеќе женски јагниња кои сега пораснаа и бараат повеќе храна, а во меѓувреме сточната храна многу поскапе, вели за ВЕЧЕР претседателот на Сојузот, Никола Георѓиев.

Сточарите требаше да добијат 2.400 денари за женско јагне и 1.000 денари за овца. Тие се револтирани поради фактот што нивниот труд сè помалку се вреднува, а обврските што ги имаат сè повеќе и повеќе се зголемуваат.

-Буџетот на Министерството за земјоделство е празен, а ни Платежна агенција нема пари за исплата на сточарите. Се чека ребалансот на Буџетот кој од 1 јули влегува во Собрание и откако ќе се изгласа се надеваме дека ќе се обезбедат пари и за сточарите, но тоа ќе биде многу доцна за нас, вели Георѓиев.