Економските аналитичари очекуваат постепено забрзување на инфлацијата и на економскиот раст во периодот 2018 ‒ 2020 година, покажува најновата анкета на Народната банка. Така, за 2018 и 2019 година очекуваат дека просечната стапка на инфлација ќе изнесува 1,9%, а потоа дека минимално ќе забрза достигнувајќи 2,0% во 2020 година.

 

„Испитаниците ја објаснуваат нагорната патека на инфлацијата за наредните години со повеќе фактори, како што се зголемената минимална плата, повисоката акциза за дизел-горивата, зголемувањето на акцизата на цигарите, либерализацијата на пазарот на електрична енергија за домаќинствата, секундарните ефекти од најавените промени во персоналниот данок на доход и очекуваниот раст на цената на нафтата на светскиот пазар“, соопшти НБРМ.

Во споредба со претходната анкета, очекувањата се речиси непроменети. Во поглед на економската активност, просечните очекувања за реалниот раст на БДП изнесуваат 2,2%, 2,8% и 3,1% за 2018, 2019 и 2020 година, соодветно.

„Испитаниците го поврзуваат закрепнувањето на активноста со стабилизирањето на политичката состојба во земјата во втората половина на 2017 година, продолжувањето на проектите поврзани со патната инфраструктура, повисокиот раст на личната потрошувачка поврзан со зголемената минимална плата и кредитирањето, како и со очекуваниот раст на довербата на домашните и на странските инвеститори.

Во однос на декемвриската анкета, испитаниците имаат малку послаби очекувања за растот во 2018 и 2019 година (за 0,3 п.п. и 0,2 п.п., соодветно“, велат од НБРМ.