Во новата стратегија има повеќе модули. Како треба како држава да внимаваме во сигурноста на нашите интернет мрежи, кога сме во ситуација да инсталираме софтвери и хардвери во државни институции. За сите делови во однос на она што го сочинуваат интернет комуникациските технологии имаме препораки и насоки што треба да се почитуваат од институциите, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити.

Пред јавната расправа за Нацрт верзијата на Националната ИКТ стратегија на Северна Македонија 2023-2027 година, што се одржува во Клубот на пратеници, Алити изјави дека ова било една од најголемите приоритети на Министерството за информатичко општество и администрација оваа година.

– Процесот навистина течеше низ еден многу инклузивен процес. Скоро сите институции од сите министерства се инволвирани, а исто така, и надворешни експерти, експерти од УСАИД, експерти од Европска Унија, но, нормално, претежно работата беше направена од експертите од МИОА. Така што, веќе имаме финализиран драфт на нацрт-стратегијата за ИКТ 2023-2027, што денеска ќе го презентираме, рече тој.

Министерот додаде дека нацртот се состои од она што е досега финализирано, но, како што рече, очекуваат совети и фидбек.

– Поради фактот што дигитализацијата се поврзува со работата на скоро секое министерство, добредојдени се совети и од нивните претставници, но, и од пошироката јавност. Тука мислам и на невладините организации кои биле вклучени во целиот процес досега, рече тој.

Во одговор на прашањето дали нашите институции имаат доволно информатички кадар што ќе може да ја понесе работата која што ќе произлезе од Стратегијата, министерот одговори дека немаат.

– Немаат, тоа е краток одговор. Меѓутоа овој проблем е и во многу други држави. Најдоброто решение за ова би било креирање на дигитална агенција која ќе биде поддршка потоа за сите други институции, смета тој.