Американската централна банка (Federal Reserve – Fed) потврди дека ја затворила 2023 година со рекордна загуба од 114,3 милијарди долари, при што цената на каматата на депозитите на комерцијалните банки е неколкукратно повисока. Во 2022 година, Fed работел со нето добивка од 58,8 милијарди долари.

Деловниот извештај за минатата година го отсликува влијанието на покачените основни каматни стапки, од нула на сегашните 5,25 на 5,5 отсто, за намалување на инфлацијата. Fed почна агресивно да ги подига во пролетта 2022 година, што, исто така, значи дека им исплаќа камата на депозитите на банките, паричните фондови и другите финансиски компании. Минатата година, според ревидираните податоци, им биле исплатени 176,8 милијарди долари, наспроти 60,4 милијарди долари платени во 2022 година.

Исплаќањата на камататите од обратните репро-операции се зголемиле од 41,9 милијарди на 104,3 милијарди долари.

Приходите на Feд од купените обврзници останаа горе-долу на нивото од 2022 година и изнесуваа 163,8 милијарди долари.

Според законот, Банката на федерални резерви добивката ја уплаќа во државниот трезор во Министерството за финансии. Покрај каматата на обврзниците, нејзин извор на приход се и услугите што ги дава на финансискиот систем. Во последните години остварила значителен профит благодарение на многу ниските каматни стапки и големото портфолио на обврзници.

Филијалата на Fed во Сент Луис во минатогодишниот извештај забележа дека можеби ќе може повторно да уплати пари во државната каса за неколку години.

Кога работи со загуба, американската централна банка може да креира пари за потребите на финансирање на операциите, што значи дека не се соочува со пречки во работењето.

Со овие податоци Fed им се приклучи на централните банки на другите големи западни светски економии кои минатата година ја завршија со „дебел“ дефицит поради зголемените каматни стапки, вклучувајќи ги Европската централна банка (ECB), германската Bundesbank и швајцарската SNB.