Една од водечките  компании во примената на технологијата во осигурувањето, американската Лемонад, ја промовираше својата дигитална полиса наречена Полиса 2.0. Изготвувањето на полисата е направено врз основа на одговорите од анкета од корисниците, преку која тие се изјасниле како би ја измениле постоечката полиса во насока на подобра едноставност, пристапност и релевантност на новата верзија.

 

 

 

лавниот и извршен директор на оваа успешна американска компанија, Даниел Шибер, истакнува дека новата полиса содржи 90% помалку зборови, кои се напишани на „разбирлив“ англиски јазик. Шибер вели дека „за да се прочитаат класичните полиси за осигурување на имот потребни се околу час и дваесет минути и се користени зборови на Шекспир од средновековниот англиски кои не може да ги разберете.“ Според него „ако сакате да бидете омилен бренд во осигурување, не можете да имате клиенти кои не знаат што купуваат“. Тоа е главниот мотив зошто полисата е напишана од нула, исфрлен е 90% од текстот и направена е да се чита во „едноставен блог стил“.

Револуционерно кај оваа дигитална полиса е што таа е  поставена на ГитХаб. „Тоа значи дека секој може да се поврзе и да ја уредува нашата полиса. Нашите клиенти, конкуренти, регулатори, акционери. Сите можат да отидат таму и да ја уредуваат полисата. Содржи авторско право на „отворен код“, што значи дека секој може да добие пристап“, додава Шибер.

Иако ова е навидум доста ризично, сепак Шибер истакнува дека постојат мерки на контрола и ревизија. „Ние сме како Википедија, тоа е добронамерна диктатура. Бараме, сакаме и очекуваме допринос од сите, но исто така одлучуваме што од предлозите ќе се зачува, а што ќе се избрише.“