Американскиот трговски дефицит во март порасна на највисоко ниво откако Министерството за трговија почна да објавува вакви податоци, одразувајќи бран на увоз на стоки со кој компаниите се обиделе да ги избегнат трошоците од новите царини.

Увозот на стоки и услуги во САД во март пораснал за 4,4 проценти во споредба со февруари и достигнал 419 милијарди долари. Извозот останал приближно на исто ниво како во февруари и изнесувал 278,5 милијарди долари.

Со тоа, трговскиот дефицит на САД во размената со стоки и услуги во март пораснал за 14 проценти во однос на претходниот месец, достигнувајќи 140,5 милијарди долари — највисоко ниво од 1992 година, кога Министерството почна да објавува месечни извештаи за надворешната трговија.

 

 

Дефицитот во трговијата со стоки пораснал за 11,2 проценти и достигнал 163,5 милијарди долари, што исто така претставува рекордно ниво од 1992 година.

Увозот на стоки во март скокнал за дури 5,4 проценти на месечно ниво, достигнувајќи рекордни 346,8 милијарди долари. Извозот на стоки се зголемил за 0,7 проценти, достигнувајќи исто така рекордни 182,3 милијарди долари, соопшти Министерството.

Во март, САД забележале најголем суфицит во размената со Холандија — 4,5 милијарди долари.

Најголем дефицит бил евидентиран во размената со Европската Унија — 48,3 милијарди долари. Следи Кина со трговски дефицит од 24,8 милијарди долари, а на трето место е Мексико со 16,8 милијарди долари, покажуваат податоците од Министерството за трговија.

 

 

Во првите три месеци од годинава, трговскиот дефицит на САД со стоки и услуги речиси се удвоил во споредба со истиот период лани. Извозот пораснал за 5,1 процент на годишно ниво, додека увозот скокнал за 23,3 проценти, пресметало Министерството.

На почетокот од април, САД најавија воведување на царини од 10 проценти за земји ширум светот. Планирани се и „реципрочни“ царини за трговските партнери со кои САД постојано остваруваат дефицит.

Претседателот Доналд Трамп подоцна го одложи воведувањето на новите давачки за 90 дена, објаснувајќи дека сака да обезбеди доволно време за преговори со трговските партнери.