Македонија е во стабилна енергетска состојба и нема простор за загриженост, уверува премиерот Христијан Мицкоски. Земјава засега нема проблем со снабдувањето со гас, цената на струјата останува иста, а од следната недела се очекува и поевтинување на горивата. Сепак во пресрет на грејната сезона останува актуелниот предизвик – аерозагадувањето.

Македонија енергетски е во исклучително добра состојба и место за загриженост нема. Премиерот Христијан Мицкоски очекува нормализација на снабдувањето со енергенси и уверува дека земјава засега нема проблем со снабдувањето со гас. Според него, модернизацијата на хидроелектраните и домашното производство на струја треба дополнително да ја зајакнат енергетската стабилност.

Еден од многуте предизвици, вели премиерот, е загадувањето, на што мора сериозно да се работи, особено во пресрет на новата грејна сезона. Тој додаде дека Владата има план за справување со состојбата.

Мицкоски додава дека нормализацијата на снабдувањето во глобални рамки би можело да се очекува дури напролет.

Државата не е голем потрошувач на гас и постои план за справување со можните предизвици, велат од Владата. Премиерот кажа и дека разговарал со големите нафтени компании. Премиерот очекува и поевтинување на горивата веќе од следната недела.

Паралелно, од Владата велат дека цената на струјата кај нас ќе остане иста. Се разгледуваат и можностите в година да се продолжи и евтина тарифа.