Американските рафинерии бележат рекордна заработка благодарение на силната побарувачка за гориво од странство, која ги намалува домашните залихи и ги зголемува цените на бензинот и дизелот.

Според анализата на „Ројтерс“, американските рафинерии се меѓу најголемите добитници од конфликтот меѓу САД и Иран, бидејќи странските купувачи во сè поголем обем набавуваат американски нафтени деривати. Извозот на горива достигнал највисоко ниво откако се води евиденција.

Последица на тоа е намалувањето на домашните резерви на бензин и дизел, токму во период кога потрошувачката е најголема поради летната сезона и жетвата на американскиот Среден Запад.

Дополнителен притисок врз светската понуда создаде и одлуката на Русија да ја прошири забраната за извоз на дизел до крајот на јули, со цел да обезбеди доволно гориво за домашниот пазар за време на жетвата.

Иако американските резерви на дизел минатата недела се зголемиле за 4,5 милиони барели, тие и понатаму се значително под повеќегодишниот просек. Уште поизразен е падот кај бензинот, чии залихи се на најниско ниво за овој период од годината од 2012 година.

Просечната цена на бензинот во САД достигна 3,98 долари за галон, што е за речиси 80 центи повеќе во споредба со истиот период минатата година. Дизелот, пак, чини повеќе од пет долари за галон, што е за околу 1,30 долари повеќе отколку пред една година.

Аналитичарите предупредуваат дека геополитичките тензии на Блискиот Исток, ограничениот извоз од Русија и силната глобална побарувачка би можеле дополнително да ги зголемат цените на горивата во наредниот период.