Повеќе од половина од младите корупцијата ја идентификуваат како „пари за професорот“, една третина сметаа дека таа се отсликува преку партиски вработувања, а околу седум отсто ја идентификуваат како „кафе и бонбониера за докторот“


Корупцијата е главна причина за иселување на младите. Четворица од десет млади изјавиле дека ќе ја напуштат државата поради степенот на корупција, додека секоја трета млада личност изјавила дека токму корупцијата е главна мотивација да се приклучи и да придонесе во борбата против коруптивните дејства. Само четири отсто, пак, рекле дека ваквата состојба ги тера да станат дел од синџирот на корупцијата.

Ова го покажа анализата направена од страна на Младинскиот сојуз во која учествувале над 440 млади луѓе од целата земја.

Младите даваат и ниска оценка за борбата против оваа појава. Со двојка ја оценуваат досегашната национална борба, но она што охрабрува, наведуваат од Младинскиот сојуз, е што речиси две третини (64 отсто) изјавиле дека досега директно не учествувале во коруптивни анализи.

„Прашани за тоа како ја идентификуваат корупцијата, младите испитаници во најголем процент изјавиле дека тоа претставува ’пари во индекс за професорот/ката‘ (57 отсто), една третина дека тоа се партиските вработувања, а најмал процент дека тоа се ’кафе и бонбониера за докторот‘ (7 отсто), односно ’подарок во вредност до 1 000 денари; (3 отсто)“, соопштија од Младинскиот сојуз.
Каде најмногу им пречи корупцијата

Според резултатите за тоа во која сфера најмногу им пречи корупцијата на младите, најголем дел од нив одговориле дека тоа е правосудството – 58 отсто. Потоа следуваат здравството со 27 отсто, државната администрација со 18 отсто, а најмалку ја идентификуваат како проблем кај полицијата – 7 отсто.

„Речиси идентичен број од нив рекле дека се запознаени со каналите преку кои можат да се изборат против корупцијата со оние кои изјавиле дека немаат такви информации“, велат од Младинскиот сојуз.


Младите сакаат решителни и праведни лидери и лидерки, а не авторитарни
Според анализата објавена од сојузот, за младите најважно е лидерите и лидерките да бидат решителни и праведни (над 50 отсто), понатаму транспарентни (над 15 отсто). Најмалку пак, според истражувањето сакаат лидерите да бидат авторитативни (само 6 отсто).

„Очигледно е дека според оваа анализа корупцијата претставува еден од најголемите проблеми кој го нотираат младите луѓе, а како дел од решението е целосната посветеност кон градење на транспарентно општество. Промовирањето на младинската активност и подигањето на гласот на младите е нашата главна цел во реализацијата на овој Проект. Дополнително, преку ваквите и слични активности придонесуваме за подигање на знаењето и свеста помеѓу младите за важноста на процесите на транспарентност и отчетност во носењето на одлуки од страна на властите на национално и локално ниво“, вели Анелија Митрова, проектна координаторка во Младинскиот сојуз.
Анализата во која учествуваа над 440 млади луѓе е спроведена од страна на Младинскиот сојуз во периодот од април до јуни 2022 година, а со поддршка на Националниот демократски институт (НДИ) и НЕД.