За 51, 2 отсто се помали приходите кои можеле да се приберат од прогресивното оданочување и повисоката стапка на личен доход во однос на потенцијалот, покажува анализата на Министерството за финансии насловена „Како до сеопфатен, фер и ефикасен данок во Република Северна Македонија“.

Според анализата, за првите шест месеци од годината се собрани 12, 7 милиони евра по однос на остварени приходи само од прогресивната и повисока стапка на личен доход, со анулиран ефект од пораст на плати и вработувања, а доколку субјектите не го променeле своето однесување, ќе бил 19,2 милиона евра.

„Оттука, вкупно изгубените приходи што можеле да се приберат, а не се прибрале, се оценети на 6,5 милиони евра што претставува 51,2 отсто од прибраните приходи од прогресивниот и повисок данок на доход. Тоа се средства кои Буџетот можел да ги има, но не ги добил поради промената во однесувањето на даночните обврзници“, пишува во анализата.

Според Министерството, потенцијалните објаснувања за промената на однесувањето на обврзниците се дека мерката била воведена во специфичен политички и општествено-економски контекст. Исто така, обврзниците имале чувство дека не биле консултирани, како и дека не добиваат повеќе и подобри услуги, а плаќаат повеќе. Високиот удел на сивата економија, односно меѓу 30-40 проценти, е уште едно од објаснувањата за промена на однесувањето на обврзниците. Министерството за финансии останува на ставот дека прогресивен данок на личен доход може да даде добри општествено-економски ефекти и поправедно и поразвиено општество, доколку има оптимален дизајн.

На почетокот на месецот владата одлучи прогресивното оданочување да се стави во мирување во следните 36 месеци.