За една деценија, просечната плата во државава се зголемила за 68,7 проценти, а потрошувачката кошничка за речиси 52 проценти, покажува анализата на Пари, која под лупа стави бројни податоци што го отсликуваат животниот стандард на населението. Во апсолутен износ, никогаш како сега не биле потребни толку пари за да се закрпи дупката меѓу просечната нето-плата и синдикалната потрошувачка кошница. Сепак, податоците зборуваат дека во релативен износ, покриеноста на кошницата сега е поголема отколку пред една деценија. Сојузот на синдикати објави дека во април годинава минималната синдикална кошница тежела 49.385 денари, што е дури 11.280 денари повеќе отколку во април 2022 година.

„Дупката“ меѓу синдикалната кошница и платата во април годинава, според пресметките на Пари, е дури 13.978 денари. Пред 10 години, во април 2013 година, таа изнесувала 11.535 денари, и потоа постојано се намалувала, сѐ до 2022 година, кога инфлацијата го направи своето. Но во релативен износ, сега просечната плата би требало да биде за 39,5 проценти поголема за да ја пополни синдикалната кошница, додека во април 2013 требало да биде поголема за многу повеќе, односно за 54,97 проценти.

За семејство во кое има само еден вработен со минимална плата, состојбата е повеќе од катастрофална. За синдикалната минимална кошница, на такво семејство во април му недостигале 29.209 денари! Пред 10 години, таа дупка била 24.469 денари. Не е за утеха, но сепак треба да се знае дека сега минималната плата е 20.175 денари – што значи дека два „минималца“ не се доволни за една синдикална кошница, а пред 10 години, минималната плата била 8.050 денари, и тоа не за сите – текстилната и кожарската индустрија имале „минималец“ од едвај 6.869 денари. Во тоа време требале 4 минимални плати за една синдикална кошница.

Колку пари недостигаат во синдикалната кошница со една просечна плата, или со една минимална плата?

ПЕРИОД ПОКРИЕНОСТ НА СИНДИКАЛНА КОШНИЦА СО ПРОСЕЧНА ПЛАТА ПОКРИЕНОСТ НА СИНДИКАЛНА КОШНИЦА СО МИНИМАЛНА ПЛАТА
Април 2023 – 13.978 ден. 1) – 29.209 ден.
Април 2022 – 6.579 ден. – 20.104 ден.
Април 2021 – 5.538 ден. – 18.782 ден.
Април 2020 – 7.413 ден. – 18.743 ден.
Април 2019 – 8.205 ден. – 20.483 ден.
Април 2018 – 8.544 ден. – 20.486 ден.
Април 2017 – 9.788 ден. – 22.153 ден.
Април 2016 – 9.882 ден. – 22.648 ден.
Април 2015 – 10.645 ден. – 22.801 ден.
Април 2014 – 10.884 ден. – 23.259 ден.
Април 2013 – 11.536 ден. – 24.469 ден.

1Последни податоци за просечната нето-плата, Државниот завод за статистика има објавено за февруари. Но, минималната плата е зголемена во март од 18.000 на 20.175 денари. Сепак, водени од фактот дека сите плати нема да се зголемат за толкав износ, симулацијата на априлската плата ја направивме согласно со ланскиот раст на платите од февруари до април, кога исто така имаше значајно зголемување на минималната плата во март. Оттука, нашата симулација за априлска плата е дека таа ќе биде 35.406 денари (последните официјални податоци за февруари се 33.720 денари).

КАКОВ Е УДЕЛОТ НА ХРАНАТА ВО ПЛАТИТЕ?

Иако постојано се зборува за растот на цените на храната, бројките од синдикалната кошница покажуваат дека се потценува растот на цените од другите ставки. Така, во април годинава за храна биле неопходни 19.224 денари, додека во април 2022 година – 16.438 денари, или растот на трошокот за храна е 2.786 денари, што е 24,7 проценти од износот што претставува разлика меѓу синдикалната кошница во април 2023 година во однос на април 2022 година. Јасно е дека поскапело сѐ – и домување, и здравство, и транспорт, и култура… Но, во време кога една статистички просечна плата (која многумина и не ја имаат) не ја покрива синдикалната кошница, очекувано е дека најмногу внимание предизвикува растот на цените на храната.

Податоците покажуваат дека пред 10 години, уделот на ставката „Храна и пијалаци“ од синдикалната кошница во просечната плата бил 66,21 процент, за разлика од април 2023 година, кога пресметавме 54,29 проценти. И едната и другата бројка е огромна. Од Светска банка, често низ годиниве укажуваа токму на структурата на потрошувачката, односно дека постои огромна разлика – колкав дел од заработувачката во ЕУ се користи за храна, во однос на она што го покажуваат нашите податоци. Она што уште повеќе загрижува е што и покрај сите напори и мерки на Владата за раст на платите, од 2022 година имаме зголемување на уделот на храната и пијалаците во просечната плата.

Што се однесува, пак, до минималната плата, таа од 2020 година ги покрива барем трошоците за храна и по нешто останува. Во 2013 година, минималната плата требало да биде поголема за 72,59 проценти за да ја достигне месечната корпа со храна, а за работниците од текстилната и кожарската индустрија дури за 102,67 проценти.

Учество на минимална кошница со храна и пијалаци во просечна нето-плата и во минимална плата

ПЕРИОД ХРАНА И ПИЈАЛАЦИ УЧЕСТВО ВО ПРОСЕЧНА ПЛАТА УЧЕСТВО ВО МИНИМАЛНА ПЛАТА
Април 2023 19.224 ден. 54,29 % 95,28 %
Април 2022 16.438 ден. 52,14 % 91.32 %
Април 2021 14.332 ден. 50,39 % 94,32 %
Април 2020 14.097 ден. 54,57 % 97,22 %
Април 2019 13.909 ден. 56,11 % – 11,21 %
Април 2018 13.475 ден. 56,28 % – 12.29 %
Април 2017 13.292 ден. 59,22 % – 31,86 % (– 47,68 %*)
Април 2016 13.334 ден. 59,64 % – 39,04 % (– 65,63 %*)
Април 2015 13.620 ден. 62,63 % – 42,02 % (- 69.19 %*)
Април 2014 13.527 ден. 63,88 % – 53,71 % (– 80.36 %*)
Април 2013 13.894 ден. 66,21 % – 72,59 % (– 102,67 %)

*се однесува на текстилна и кожарска индустрија

ПЛАТИ, ТРОШОЦИ, ИСЕЛУВАЊЕ….

Низ годините, како резултат на ниската инфлација, имало благо зголемување на вредноста на синдикалната кошница од 2013 година заклучно со 2021 година, а потоа имаме големи скокови, особено во последната година. Од друга страна, веќе од 2020 година има позначајно раздвижување кај просечната нето-плата.

Подлабок поглед врз бројките открива и нешто друго: Како катастрофалниот стандард измерен преку соодносот на просечните плати и синдикалната кошница, а особено соодносот на минималната плата, која била и до четири пати помала од таа кошница, ја исели работната сила од Македонија. Токму тој притисок од недостиг на работна сила ги зголеми и платите, но инфлацијата им зададе удар.

Движење на синдикална кошница, просечна нето-плата и минимална плата

ПЕРИОД СИНДИКАЛНА КОШНИЦА ПРОСЕЧНА ПЛАТА МИНИМАЛНА ПЛАТА
Април 2023 49.384 ден. 35.406 (проценка на Пари) 20.175 ден.
Април 2022 38.104 ден. 31.525 ден. 18.000 ден.
Април 2021 33.976 ден. 28.438 ден. 15.194 ден.
Април 2020 33.243 ден. 25.830 ден. 14.500 ден.
Април 2019 32.990 ден. 24.785 ден. 12.507 ден.
Април 2018 32.486 ден. 23.942 ден. 12.000 ден.
Април 2017 32.233 ден. 22.445 ден. 10.080 (9.000*) ден.
Април 2016 32.238 ден. 22.356 ден. 9.590 (8.050*) ден.
Април 2015 32.391 ден. 21.746 ден. 9.590 (8.050*) ден.
Април 2014 32.059 ден. 21.175 ден. 8.800 (7.500*) ден.
Април 2013 32.519 ден. 20.983 8.050 (6.859*)

* Минимални плати за текстилна и чевларска индустрија