Зголемувањето на минималната плата нема негативни ефекти врз фирмите, со неа може да се зголеми продуктивноста.
Зголемувањето на минималната плата нема негативен ефект врз фирмите и не влијае врз намалувањето на нивната профитабилност. Напротив, со растот на платите на вработените, кај нив се зголемува мотивацијата, а со тоа и продуктивноста со што не се забележуваат промени во профитабилноста на фирмите, покажува анализата што е изработена на барање на Сојузот на синдикати на Македонија, со поддршка на фондацијата „Фридрих Еберт”.
Наодите до коишто дојдоа тројцата професори Бранимир Јовановиќ, Драган Тевдовски и Виктор Стојкоски, покажуваат дека за да се зголеми продуктивноста треба да се зголеми минималната плата, а со тоа ќе се зголеми и додадената вредност на фирмите, односно БДП.
– Подобро платените работници се позадоволни и помотивирани да работат, па затоа и се пропродуктивни и поизведуваат повеќе. Бројни студии во литературата го покажуваат тоа, истакна Јовановиќ на денешната презентација на анализата.
Резултатите до кои дојдоа тројцата професори, анализирајќи ги ефектите од зголемувањето на минималната плата од септември 2017 година кога е забележано најголемото покачување, покажуваат дека фирмите кои биле повеќе „погодени” од покачувањето на минималната плата немале поголемо намалување на бројот на вработени од останатите фирми односно минималната плата не довела до отпуштање на работниците. Немало ниту кратење на платите на останатите вработени, но исто така ниту спирално зголемување на останатите плати.
– Не треба да има стравувања дека идните покачувања на минималната плата ќе имаат штетни ефекти по работењето на фирмите. Штом големото покачување во 2017 година немало никакви штетни ефекти, нема причина да се очекува ниту дека некои помали покачувања во иднина би имале. Втората работа е дека минималната плата всушност може да биде инструмент за подобрување на продуктивноста на македонските фирми, велат тројцата професори во анализата.
Сојузот на синдикати на Македонија бара итно зголемување на минималната плата на 18.000 денари и спирално зголемување на сите останати плати земајќи ги предвид зголемувањето на животните трошоци, енергетската и топлинската криза. Како аргумент го посочуваат и зголемувањето на минималната синдикална кошничка во декември за 1500 денари во однос на декември 2020 година.
– Зголемувањето на минималната плата и на сите останати плати во државата треба да се случи уште утре. Доколку зголемувањето се случи уште утре, ќе имаме задоволен и попродуктивен работник, но и поголем профит за компаниите. Немаме време за чекање бидејќи според сите анализи, не ќе може да ги платиме сметките во февруари со минимална плата од 15.200 денари која ја земаат 110 илјади работници во државата, истакна Дарко Димовски, претседател на ССМ.
Новата министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска, која присуствуваше на презентацијата, не откри дали ќе биде прифатено барањето на синдикатот. Истакна дека зголемувањето на минималната плата е програмска цел на Владата.
– Препораките и мислењата од експертите ќе ни помогнат полесно и побрзо да ги донесеме нашите одлуки и со усогласени ставови на соцајалните партнери да пристапиме кон реални можности за корекција на минималната плата, рече Тренчевска.
Согласно закон, редовно усогласување на минималната плата има секој март во годината. Според наодите од анализата, минималната плата во земјава изнесува 359 евра што е петто најниско ниво во Европа. Пониска минимална плата имаат Албанија, Црна Гора, Бугарија и Турција.