И покрај ковид кризата и енергетската криза предизвикана од воената инвазија на Русија врз Украина, пополека состојбата се смирува, особено со цената на електричната енергија која компаниите на слободниот пазар ја плаќаа и по 400-500 евра, а сега се движи во просек од околу 200 евра, вели во интервју за ЦИВИЛ Медиа, Ангел Димитров претседател на Организацијата на работодавачи.

Според него ако остане оваа цена или евентуално се намали, компаниите пополека ќе закрепнуваат од кризата и ќе има една стабилизација.

Димитров вели дека зголемувањето на минималната плата на 20.000 денари нема да биде голем товар за стопанството бидејќи тоа е годишно порамнување со трошоците на живот.

-Минатиот пат платата порасна на 18.000 денари со политичка одлука и затоа реагиравме бидејќи отиде на 62 проценти од просечната плата што е рекорд во Европа, бидејќи таму постои директива за минималната плата која што е околу 50 проценти од просечната плата, појаснува тој.

Димитров во интервјуто говори и за даноците и даночните политики и појаснува дека треба да има промени, односно оние кои имаат поголеми профити треба да плаќаат повисок данок, бидејќи во случајов и компанија со 1000 евра обрт на средства и онаа со 100.000 евра плаќаат исто.

-Ние во Македонија имаме банки, осигурителни компании, особено монополи како што се компаниите за телекомуникации или дистрибутери на струја, нафта итн кои имаат добивка и над 100 милиони евра, така што според мене поентата е на тие да се зголеми даночната ставка, додава тој.

Според Димитров општо е познато дека понудата и побарувачката на работна сила кај нас се во огромен расчекор, причините треба да се бараат во системот на образование, но и во желбите и интересите на младите луѓе кои не кореспондираат со работните места кои ги нуди стопанството.

Како што вели тој долги низ години образованието продуцира кадри кои не можат да се вработат во нашето стопанство, а стопанството се жали дека на пазарот на труд нема доволно квалификуван кадар за индустријата

– Идејата е да се заврши било какво образование, а младите иднината да ја гледаат во странство или во државната администрација. Овој проблем е најголемата пречка за побрз раст на нашата економија, појаснува Димитров.

Во врска со недела неработен ден, вели дека има работодавачи кои се противат, но дека сепак согласно дејноста компаниите направиле пресметки и дека се исплаќаат редовно дневници согласно законот.

Во поглед на исплаќањето на к-15 Димитров посочува дека треба да има измени бидејќи оваа популарна мерка останата од времето на СФРЈ, а некогаш ја намлува ликвидноста на компанијата.

-Затоа ние сакавме да го поттикнеме социјалниот дијалог да видиме дали нашите работници и работодавачи се подготвени да седнат на маса и да разговарат за комапнијата, бидејќи таа може да покажува добивка но да има проблем со наплатата и да нема пари. Затоа најдобро е да се видат сите конта и да се види дали фирмата може да исплати регрес за одмор, вели Димитров.

Тој го коментира и новиот закон за работни односи кој предвидува само две години работа на определно време, а потоа договори на неопределено бидејќи според него тоа би создало проблем со можноста за отпиштање на непродуктивните работници. Исто така додава и дека не е докрај прецизирано породилното отсуство бидејќи не е прецизирано како ќе се исплаќаат придонесите за овие родители особено што има 5 месеци породилно за мајката, а потоа родителско отсуство кое може да го користат двајцата родители.

Соња Танеска