Денарот беше и останува еден од клучните столбови на стабилноста на македонската економија, изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по повод 29 години од монетарното осамостојување.

Навраќајќи се наназад кон минатото, додава таа, слободно може да кажеме дека монетарното осамостојувањето се одвиваше во исклучително тежок период чијашто главна одлика беше високата макроекономска нестабилност.

„Честите девалвации на курсот, кога речиси немаше девизни резерви, заедно со структурните проблеми, ја распламтуваа инфлацијата којашто достигнуваше и четирицифрено ниво, а сето ова имаше силни ефекти врз економијата и животниот стандард на граѓаните. Економијата бележеше пад сѐ до 1996 година, кога за првпат по осамостојувањето беше остварен економски раст од 1,2%. Оттаму, несомнено, за воспоставување стабилен макроекономски амбиент биле неопходни голема храброст, посветеност и професионализам на тогашниот тим на Народната банка. Напорите на Народната банка, заедно со другите носители на политики и на академската заедница, одиграа клучна улога за прекинување на инфлациската спирала и стабилизирање на курсот на домашната валута. Во 1995 година беше официјализирана монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот – стратегија за којашто и тогаш и сега постои широк консензус дека преставува еден од клучните столбови на стабилноста на македонската економија“, вели Ангеловска – Бежовска.

Според неа, веќе 24 години се ползуваат благодатите на макроекономската стабилност.

„Нашата економија е мала, трговски и финансиски отворена и оттаму подложна на надворешни шокови. И покрај бројните надворешни, но и внатрешни шокови, Народната банка постојано успева да ја одржува инфлацијата на умерено ниво, слично на европското ниво. Ниската инфлација е од исклучително значење за заштитата на реалната куповна моќ на граѓаните, но и за одржувањето на конкурентноста на нашиот извоз без којшто малите економии како нашата не можат да остварат повисок и одржлив раст“, вели гувернерката.

Значаен придонес за одржувањето ниска и стабилна инфлација, како основна цел на централната банка, вели таа, дава и стабилниот курс на домашната валута во однос на еврото.

Според неа, претпазливата монетарна политика, како и добрата координација со другите макроекономски политики, доведоа до речиси непрекинат раст на девизните резерви, коишто денес се на историски највисокото ниво и директно ја зацврстуваат стабилноста на девизниот курс.

Потврда за здравоста на политиките коишто ги спроведува Народната банка, додава Ангеловска – Бежовска, е историскиот исчекор со обезбедување пристап до девизна ликвидност од Европската централна банка.