„Инвестициите во зелени и одржливи проекти и примената на иновативни решенија во областа на финансиите преку користење напредни технологии се во основата на зелената и дигиталната трансформација, којашто е основен предуслов за градење силна економија, отпорна на шокови. А за поддршка на инвестициите е неопходен здрав и стабилен финансиски систем“, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусија во рамките на годишната конференција на Стопанската комора на Северна Македонија под наслов „Економски предизвици во 2023 година: како да го одржиме економскиот раст и да ја трансформираме економијата“.

Во изминатиот период се согледува сѐ поголема поддршка на банкарскиот систем за проектите за енергетска трансформација на економиите. Според податоците од банките, зеленото кредитирање бележи постојан раст и на крајот на септември 2022 година е зголемено за 80%, во споредба со крајот на 2019 година, при што најголем придонес кон растот имаат кредитите на корпоративниот сектор. Се очекува дека овие позитивни трендови ќе продолжат и во иднина, поддржани и преку наменски кредитни линии од меѓународните финансиски институции.

Гувернерката посочи дека Народната банка презема низа активности за поттикнување на зеленото финансирање. Дел од нив се и монетарните мерки, како на пример одлуката за промена кај инструментот за задолжителна резерва, со која се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Тука е и соработката со меѓународните финансиски институции и учеството во меѓународните иницијативи, со што се овозможува да се следат најновите трендови коишто се предводени од иновациите во областа на финансиите, со посебно внимание на иновациите со зелена компонента (англ. GreenTech).

Во моментов се работи на Стратегијата за зелено финансирање, во која се предвидени низа активности, меѓу кои и подготовка на насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии, вклучително и за транспарентното финансирање. Се гради и зелено портфолио на хартиите од вредност во девизните резерви, а од годинава Народната банка воспостави и редовен систем на прибирање подетални податоци за зеленото финансирање. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени се планираат стрес-тестирања, за што ќе биде неопходно засилување на институционалниот капацитет, и на регулаторот, и на банките“, рече гувернерката.