Монетарната политика на Европската централна банка (ЕЦБ) има позитивни преносни ефекти врз македонската економија и воопшто, врз економиите во нашиот регион. Таа овозможува јавниот и приватниот сектор да имаат непречен пристап до финансирање преку меѓународните финансиски пазари. Придонесува и за поголем простор за спроведување олабавена монетарна политика од страна на нашата централна банка, а со тоа и за поповолни домашни услови за финансирање. Ако мерките на ЕЦБ го дадат очекуваниот резултат за поддржување посилно закрепнување на економијата на Европската Унија (ЕУ), имајќи предвид дека таа е наш главен трговски партнер, преку трговскиот канал, тоа исто така ќе има позитивни ефекти за македонската економија.

Ова меѓу другото го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на Конференцијата за европска економска интеграција, којашто традиционално ја организира Австриската централна банка, а годинава се одржува видеотелеконференциски, во соработка со европскиот тинк-тенк специјализиран за економија „Бројгел“.

Годинешното издание на Конференцијата беше на тема „Централна, Источна и Југоисточна Европа во ковид-кризата – улогата на ЕУ и глобалните прелевања“, а Ангеловска-Бежоска беше излагач на панел-дискусијата посветена на ефектите од монетарната политика и ставовите на централните банки за актуелната криза, на којашто учествуваа неколку гувернери од ЕУ.

Гувернерката во своето излагање, меѓу другото, посочи дека во текот на оваа криза, иако со забавено темпо, приливот на капитал продолжи, а истовремено каматните стапки во еврозоната и високата ликвидност на меѓународните финансиски пазари поволно влијаеја на трошоците за обезбедување финансиска поддршка за сите економии во регионот.

„На самиот почеток на кризата, меѓународните финансиски пазари брзо ги заострија своите услови, особено за економиите во развој, но по засилената реакција на ЕЦБ и на централните банки на повеќе напредни економии, довербата на инвеститорите се зголеми, пазарите се стабилизираа и каматите се намалија. Во споредба со глобалната финансиска криза, со оглед на сегашните побрзи и посмели реакции на централните банки, заострувањето на условите на финансиските пазари беше помало, а и стабилизацијата на финансиските услови беше побрза. Ова беше особено значајно за нас и за останатите земји во регионот. Затоа и не се соочивме со одлив на капитал, иако има помали приливи“, нагласи Ангеловска-Бежоска.

Во рамките на панел-дискусијата, таа се осврна и на други важни прашања – за економските инструменти на ЕУ, за макропрудентните мерки и за очекувањата за инфлациските движења во следниот период.

Ангеловска-Бежоска го искористи учеството на Конференцијата и за размена на мислења со своите колеги од ЕУ за согледувањата за натамошните предизвици за монетарната политика.

Инаку, Конференцијата за европска економска интеграција важи за еден од најзначајните настани во централнобанкарската заедница на коишто традиционално се разгледуваат прашања клучни за европската економија.