Растот на БДП е сублимат на добрите економски и фискални политики кои се водат. Фискалната политика која ја водиме како Влада е во насока на поддршка на приватниот сектор за развој на неговата конкуретност, преку поддршка на инвестициите во нови технологии, на извозно ориентираните, за задржување на квалитетни кадри, како и инвестиции во човечкиот капитал за зголемување на продуктивноста на долг рок, вели министерката за финансии Нина Ангеловска.

Ангеловска посочува дека растот на БДП во 2019 година, кој изнесува 3,6 проценти, е над проекцијата на Министерството за финансии, како и над проекциите на меѓународните финансиски институции.

– Со растот на економијата се создаваат подобри услови за живот во сите сфери. Пред сѐ, поради тоа што минатогодишниот економски резултат е широко базиран и има подобрување во сите сектори и сегменти. Расте градежништво во 2019 за 5,9 проценти, расте трговијата за 4,7 проценти, земјоделството за 3,8 проценти, како и индустријата за 3,1 проценти. Гледано според расходната страна се бележи и раст на домашната побарувачка, со раст на приватната потрошувачка од 3.5 проценти на годишно ниво. Растат и инвестициите – забележаа висок раст во четвртото тримесечје од 11,5 проценти или 6,6 проценти годишно. Значи, секаде има додадена вредност, вели Ангеловска.

Таа посочува дека од исклучителна важност е што овој резултат е постигнат со водење на прудентна политика на јавен долг, односно со стабилизирање на јавниот долг.

Според Ангеловска, намалувањето на стапката на невработеност е придружена со раст на вработеноста, а воедно и со раст на активното население кое во последниве три години е зголемено за околу 20.000 лица на пазарот на труд.

– Она што е особено позитивно е што кај најмладата возрасна група од 15-24 години, каде има и најголема стапка на невработеност, невработеноста значително е намалена на годишно ниво, за околу 14 процентни поени и сега изнесува 35,1 проценти. Иако, повторно станува збор за висока стапка и работиме да ја намалиме, сепак охрабрувачки е тоа што имаме значајни резултати во пребродување на овој проблем, истакнува Ангеловска.

Оценува дека за намалувањето на стапката на невработеноста и зголемувањето на стапката на вработеноста влијаат активните мерки за вработување, како и инвестирањето во човечки капитал.

– Намалувањето на невработеноста и растот на бројот на вработените се постигнува преку премостување на јазот на понудата и побарувачката на пазарот на труд. На ова се делува преку инвестиции во човечкиот капитал, во образованието – на долг рок, а преку активните мерки за вработување на среден рок. Годинава се издвоени 1,3 милијарди денари за активни мерки за вработување, што е за два пати повеќе во однос на 2016 година или трикратно повеќе во однос на 2015 година, посочува Ангеловска во интервјуто.