Министерката за финансии нина Ангеловска ги соопшти основните контури од буџетот за 2020 година која е во владина процедура. Проектираниот раст на економијата е 3,8 отсто, а во фокусот на буџетот е, како што рече,  инвестирање во човечкиот капитал.

Буџет фокусиран на инвестиции во човечки капитал. Вака министерката за финансии Нина Ангеловска го најави предлог буџетот за следната година.

Првата финансиерка сподели дека власта очекува економски раст од 3,8% и дефицит од 2,3% наредната година.

Колку пари на располагање ќе добијат министерствата, и со какви мерки власта ќе се посвети на инвестирање во човечкиот капитал ќе биде познато штом предлог буџетот го помине владиниот филтер – наредната недела.

Отткако не го помина владиниот филтер во средата, Ангеловска очекува на следната владина седница предлог буџетот конечно да биде официјализиран, па потоа претставен во јавноста.

Низ медиумите веќе почнаа да кружат суми од нацрт верзијата на предлог буџетот, како тоа дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ќе добие 64 милиони евра повеќе. Министерката не сакаше да ги коментира овие суми, бидејќи предлог буџетот се уште е во работна верзија.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Власта подготвува најмегаломански буџет досега, тежок 4 милијарди евра.

Криминалната банда на чело со измамникот Зоран Заев го подготвува најмегаломанскиот буџет во историјата на Република Македонија, тежок 4 милијарди евра. Додека беше во опозиција критикуваше дека буџетот бил преголем, ветувајќи дека ќе го намалел и ќе ги крател задолжувањата. Заев излжа. Долговите постојано се зголемуваат, капитални инвестиции нема, а никој не знае на што ќе се трошат парите, стои во партиското соопштение.