Анита Ангеловска – Бежоска денеска ја презеде должноста гувенерка на Народната банка од досегашниот гувернер Димитар Богов, на кој мандатот му истече вчера.

Во изјавата за медиумите таа се заблагодари на претседателот Ѓорге Иванов за нејзината номинација и на политичките партии кои што со широк консензус ја избраа за гувернерка.

Како што рече, оваа поддршка за неа е многу значајна, но и за целото општество бидејќи била поддржана професионалноста која е клучна за градење на прогресивно општество.

 

-Би сакала да му се заблагодарам на досегашниот гувернер Богов кој успешно ја водеше банката во критичните моменти. Бев дел од тимот кога ги поминувавме тие моменти, но благодарејќи на силниот институционален капацитет на централната банка, успешно ги поминавме – рече Ангеловска – Бежоска.

Таа потенцираше дека пред неа останува предизвикот за одржување на независна монетарна политика, но и макроекономска стабилност. Но како и досегашните раководни структури на банката, таа потенцираше дека ќе продолжи со градење на силен институционален капацитет на Централната банка, бидејќи го смета за клучен во извршувањето на задачите.

Претходно Богов даде отчет за сработеното и рече дека двете клучни цели на банката се постигнати, односно постигната е ценовна и стабилност на банкарскиот сектор.

-Народната банка успешно се справи со два силни, неповолни шокови како што беа грчката должничка криза во 2015 година и шпекулативниот напад врз монетарната стабилност во април и мај 2016 година. Народната банка во континуитет ја исполнува законски утврдената цел, постигнување и одржување на финансиска стабилност преку стабилен банкарски систем – рече Богов.

На прашањето каде ќе ја продолжи кариерата, Богов рече дека сето ова набрзина му се случувало и дека ќе земе одмор па потоа ќе размисли што понатаму.

Извор: Република