Бизнисмените ги испорачаа првите предлози до новата Влада за подобрување на бизнис климата во земјава. Во фокусот се најболните точки за економијата-енергетската криза, судството, даночната политика, екологијата…На овие теми разговараме со генералниот директор на Раде Кончар-ТЕП, Горан Антeвски кој е и претседател на  АОТС Македонија – Јапонско Македонско здружение за техничка соработка. Во интервјуто за порталот ,,Пари” тој дава неколку конкретни предлози како да се подобри економската слика на земјава.

,,Секој покрив и необработливо земјиште да се направи извор на енергија, да се формира Економскиот валутен борд кој ќе ги спроведува економските реформи во земјава, да се стави крај на судиите ,,трговци-поединци” кои судат во личен интерес, да се поттикнува купувањето на електрични возила, како и да да се смени начинот на признавањето на повеќе уплатеното ДДВ од страна на Царината”, предлага бизнисменот Антевски.

Пари: Видовме колку е ранливо стопанството кога има енергетска криза. Каде бинисмените го гледаат излезот во ситуација кога цените на енергијата одат само нагоре?

Антевски: Потребно е под итно да се смени законската регулатива и да им се овозможи на граѓаните и компаниите поедноставно и побрзо да инвестираат во обновливите извори на енергија посебно во фотоволтаиците кои се моментално најбрзо и наедноставно еколошко решение за намалување на енергетската зависност. Моментално законските прописи се премногу комплицирани и ограничувачки за да се инвестира повеќе во оваа област.

Пари: Зошто е ова во моментов најповолно и каква подршка е потребна од институциите ?

Треба секако добра подршка од Владата и Регулаторна комисија за да се стимулира инвестицијата во овој сектор бидејќи бенефитите за државата се повеќекратно поголеми. Мојот предлог е Владата да донесе закон по итна постапка со можност за побрзо инсталирање и приклучување на централите во енергетскиот систем. Сегашните 6-12 месеци да ги скрати на 1 месец со намалувањето на процедурите и вадењето на дозволи , да ги стимулира македонските компании и граѓаните кои ќе инвестираат од 10-30 % од вредноста на инвестицијата за изградба и поставување на еколошки обновливи извори на енергија. Наместо да се трошат целосно пари од Буџетот за изградба на термо или хидро централа, приватните инвеститори ќе вложат свои средства со минимална подршка на Владата. Односно со минимални владини средства ќе се добијат инвестиции, енергетска независност, задоволни граѓани и компании кои ќе заработуваат од таа инвестиција, поголем приход по основ на ДДВ и даноци, намалено загадување и многу други бенефити. Секој покрив и слободно необработливо земјиште може да биде извор на енергија и финансиски средства за граѓаните, но и за државата. Доколку државата кофинансира на пример со 20 % и тоа да биде отприлика 200-300 милиони евра, тогаш останатите инвестиции ќе бидат повеќе од милијарда евра. Целата таа инвестиција со овие цени на енергијата ќе се врати најдоцна за 4-5 години , додека се потрошат овие средства за хидроцентрали или термоцентрали повратот на таа инвестиција е најмалку 10-15 години. Државата со минимални финансиски средства ќе изгради енергетски капацитети за кои ќе треба да вложи 5 или 6 пати повеќе ако сама вложува и да се оптерети со кредити.

Пари: Барате Економско валутен борд, зошто сметате дека тој треба да ги понесе реформите во економијата?

Антевски: Економската криза нанесе голем удар на буџетот и финансиските параметри, мој предлог до новата власт е да го разгледа подобро предлогот за Економско валутен борд. Борд кој ќе биде задолжен за спроведување на дел од економските реформи и нема да зависи од партиските калкулации. Борд кој ќе има можност да ја рационализира администрацијата, да ги намали непотребните трошоци и социјални трансфери. Ова е една можност за партиите во власта и во опозицијата да најдат заеднички јазик преку непартиски еминентни и компетентни луѓе да се ослободат од притисокот врз себе за неопходното кратење на непотребните трошоци.  Инвестициите се двигател на економијата и секоја компанија која се грижи за својот развој и напредок, мора да вложува финансиски средства во инвестиции за развој на произвоството и ефикасноста. Предлог е да се задржи и во иднина сегашниот начин за кофинансирање на инвестициите кои се направени во текот на претходната година. Одлично решение кое им дава можност на компаниите кои инвестираат да си направат поврат на средствата во износ од 25 % од целокупната инвестиција. Оваа можност беше голем потик на компаниите да инвестираат повеќе во развој на техологии и човечки потенцијал, што овозможи да се задржи нивната профитабилност, развој и можност за иден напредок.

Пари: Судството е една од најболните точки на стопанството. Кои се клучните промени кои треба да се преземат?

Антевски: Крајно време е да се исполни ветувањето на претходниот премиер да се проверат дел од судските одлуки и да се направи ветинг во судството. Веќе јавно се слуша низ судските ходници за голем број на судии кои се нарекуваат “трговец – поединец” кои како претходно така и сега непречено продаваат пресуди за лични интереси. Ова е нотирано во секој Меѓународен извештај и таа корупција мора да се сузбие бидејќи таа е основата од која треба да почне секоја борба против оваа заразна болест. Предлог е да се донесе закон за отварање на одреден процент на судски одлуки, проверка од фактите, документацијата и одлуките со скриени имиња на тужителот и тужениот од судски совет составен од еминетни пензионирани судии, обвинители, професори и адвокати за да се запази непристрасноста и да се искористи нивниот квалитет. Одлуката на тој судски совет ќе се смета како непристрасна арбитража и ќе му се овозможи на оштетениот во спорот да си ја врати правдината.

Пари: Како да го намалиме загадувањето на животната средина, како компаниите би се стимулирале да вложуваат повеќе во еколошка опрема? 

Антевски: Намалувањето на загадувањето со предлог за кофинансирање на електрични возила како во сите земји во светот, со што ќе се намали загадувањето во градовите. Владата со откажувањето на акцизата, царината и ДДВ ќе направи одлична можност за исплатливост и купување на електрични возила. Освен линданот голем проблем проблем за екологијата е ПСБ во трансформаторските масла, мојот предлог е Владата исто така да кофинансира во обновувањето на енергетските постројки и чистењето на овој отров од трансформаторите бидејќи овој отров ја загадува почвата и водите. Бенефитите се што компаниите ќе имаат можност да ги исполнат законските барања за екологија, како и да се намалат загубите во енергетскиот систем и зголемување на сигурноста со инвестирањето во нова опрема. Тоа ќе биде и стимулирање на компаниите да инвестираат во современи и нови технологии.

Пари: Имате предлози и за даночната политика, кои се измените, според вас кои се потребни?

Антевски: Со измените во изминатиот период на законот за ДДВ домашните компании се судрија со големи финансиски проблеми, бараме веќе неколку години да се смени начинот на признавањето на повеќе уплатеното ДДВ од страна на Царината. Ова се однесува за компаниите кои имаат поврат на повеќе уплатено ДДВ, а при увоз на репроматеријали треба поново да платат наместо да бидат ослободени со пресметка и намалување на обврските. Ова е добра можност македонските компании да си го олеснат работењето со ангажирањето на сега заробените финансиски средства во нови инвестиции и развој.

Пари: Вие веќе подолго време го спомнувате овој проблем кои се бенефитите од оваа мерка?

Антевски: Бенефитите на македонските компаниите се огромни со тоа што нема да имаат потреба да плаќаат двапати ДДВ при кое го плаќаат со продажбата на производите и при увозот на репроматеријалите. Владата за овој предлог подолго време не сака да разговара бидејќи не сака да се откаже од сегашно бескаматното кредитирање од страна на македонските компании и за намалениот прилив на ДДВ од оваа мерка, мислам дека грешат и не ги гледаат бенефитите кои ќе се добијат со оваа мерка. Најпрво мерката може постепено да се воведува по квартали и по големината на компаниите кои ќе бараат вакво иземање за да добијат дозвола да ваков начин на пресметковно плаќање на царинското ДДВ. За да добие дозвола на компанијата ќе и се постават повеќе услови како на пример: Производна компанијата која треба последните 3 години да има профит и да ги има подмирено редовно сите обврски према државата. Со ова ќе се стимулира производството и ќе се стимулира редовност во плаќањето кон државата. Компаниите овие ликвидни средства ќе ги вложат во инвестиции, плаќање на обврските, зголемени плати и развој.