За првпат во светската историја кинеска фирма ќе врши надзор на работа од американска компанија – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека е кинеско сопствеништвото на „Ептиса“ која е дел од конзорициумот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10Д.

„Од 2016 година сопственик на шпанската компанија Ептиса е кинеска компанија и во менаџментот на Ептиса, односно генералниот директор на компанијата е Кинез. Сопственичката структура е повторно кинеска компанија. Кога ја лажат македонската јавност, треба да се свесни дека се лажат и себеси. Не знам дали луѓето од американската администрација се свесни за ова, но претпоставувам дека после ова ќе бидат свесни“– Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Не е проектирана ниту една траса од четирите автопати за кои вчера Владата потпиша договор со „Бехтел и Енка“, ама се знае дека ќе чинат 1,3 милијарди евра. Не е почнат ни процесот на експропријација на приватните имоти кои се наоѓаат на трасите, а за кои треба да се издвојат плус 300 милиони евра.

За Мицкоски не е јасно како власта знае колку пари се потребни од државната каса, кога проектот се уште не постои.

„За да го направите овој пат, прво доаѓа проектант, го проектира, претходно врз основа на истраги и потоа прави проект. Врз основа на тој проект доаѓаат економски оператори, даваат понуда, се бира најповолната и се прави патот. И тогаш знаеме колку чини. Како кога нема проект знаеме колку ќе чинат овие делници?“ – Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Во СДСМ, пак, и денеска слават. Велат ова е историска инвестиција во патната инфраструктура.

„Со изградбата на овие четири нови, модерни автопати, ја унапредуваме патната инфраструктура и овозможуваме поврзување со нашите соседи, а преку тоа и поврзување со важните трговски пристаништа од регионот. За цели 32 години во нашата држава се изградени 186 километри автопати, а со овој договор, за само пет години, градиме 110 километри, модерни, европски, автопати“ – Миле Талески, СДСМ

Праксата покажува дека километар автопат во Македонија се гради со години. Се уште не е готов автопатот Кичево-Охрид долг само 57 километри. Беше почнат во 2014 и требаше да заврши во далечната 2018. Изградбата на Миладиновци-Штип неколкупати се одложуваше, па откако се пушти во употреба, една лента е често затворена поради реконструкција или одрони. Уште се градат и петте километри од Катланово до Петровец кои требаше да бидат готови уште пред 3 години.