Истекуваат роковите за аплицирање на дел од огласите за активните мерки за вработување кои се дел од Оперативниот план за оваа година. За три од нив барањата се поднесуваат до крајот на месецов, значи има уште 10 дена, а за останатите до крајот на годинава.

Граѓаните кои сакаат да користат помош од државата за да се самовработат и фирмите кои имаат намера да земат кредит преку Агенцијата за да отворат нови работни места или да добијат субвенции за бруто плата на нововработените, треба да побрзаат. Тие огласи истекуваат овој месец.

До крајот на месецов АВРМ ќе прима барања за субвенции за вработување невработено лице корисник на гарантирана минимална помош. Финансиската поддршка за исплата на бруто плата изнесува 19.000 денари и се добива 12 месеци. Работодавачот може да исплати и повисока бруто плата, а има обврска лицето вработено со таква субвенција да го задржи на работа 18 месеци.

Преку мерката Претприемништво – самовработување со кредитирање невработено лице може да добие кредит од 5.000 до 10.000 евра за да почне бизнис. За секое новоотворено работно место, до најмногу пет, може да добие уште по 5.000 евра. Кредитот се враќа седум години со грејс-период од 1,5 години и камата од 1 процент. Корисникот треба да има сопствено учество од 25 проценти и да гарантира со хипотека или меница.

За кредит од 5.000 евра за секое новоотворено работно место без ограничување на бројот преку АВРМ до крајот на месецов може да аплицираат микро, мали и средни претпријатија регистрирани најмалку 6 месеци, кои доставиле годишна сметка и не го намалиле бројот на вработени во последните три месеци. На огласот може да се пријават и активни баратели на работа кои не биле во работен однос кај истиот работодавач кој аплицира за кредитот најмалку 1 година.

Во Агенцијата за вработување отворени се и огласи за обука за побарувани занимања, за напредни ИТ вештини, како и обуки за познат работодавач.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска е задоволна од тоа како во време на корона-криза се спроведуваат мерките од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување преку Агенцијата за вработување. На онлајн состанок со мисијата на Меѓународниот монетарен фонд таа рече дека реализацијата на овие мерки е успешна и изнесува 95 отсто. Посочи дека особено голем интерес има за програмата за субвенционирањето на плати. Поради тоа, направена е пренамена од друга програма и субвенционирање на плати е обезбедено за 1.974 лица наместо 1. 627 како што беше првично планирано. На претставниците на ММФ во земјава таа им предочи дека и останатите планирани програми се реализираат непречено.