Една од осумте јапонски компании кои започнаа со работа во напуштената област Фукушима го преработува оризот таму во пластика за која експертите тврдат дека содржи низок процент на јаглерод и дека производите добиени од него се безбедни за здравјето на луѓето. Од овие пластични топчиња најчесто се прави прибор за јадење, кој го користат компании ширум Јапонија.

Биомаса Ресин, компанија со седиште во Токио, отвори фабрика каде оризот од Фукушима го претвора во специјална пластика. Иако поминаа дванаесет години од катастрофата во нуклеарната централа Фукушима, никој не сака да го купува оризот произведен таму поради страв од здравствени ризици. Затоа една компанија од Токио смислила начин да го претвори тој ориз во пластика, за која експертите тврдат дека содржи низок процент на јаглерод.

Оваа пластика се користи за производство на пакувања за прибор за јадење и испорака на храна, пластични кеси за пошта низ целата земја и сувенири што се продаваат на јапонските аеродроми. Споменатите производи ги користат компании ширум Јапонија, со цел Фукушима да се опорави од катастрофалните последици од несреќата, објави порталот Каматица.

По нуклеарната катастрофа, областа беше непогодна за живеење до 2017 година, а напорите за деконтаминација произведоа тони радиоактивна почва низ градот. Дури и денес, 80 отсто од земјиштето во градот е забрането, а населението е значително намалено, од 21.000 на помалку од 2.000 луѓе. Од 2017 година во оваа област започнаа со работа осум компании кои отворија околу 200 работни места.