Аргентина во иднина увезената стока од Кина наместо во долари ќе ја плаќа во јуани, најави аргентинскиот министер за економија Серхио Маса.

„Заедно со кинескиот амбасадор Зоу Ксиаоли и кинеските претприемачи, започнуваме размена со Народна Република Кина, што ќе ни овозможи увозот од оваа земја да го платиме во јуани, со кои ќе размениме 1,04 милијарди долари во април и 790 милиони долари од Мај“, напиша Маса на Твитер.

Извозот на Аргентина е намален за 15 милијарди долари поради „најлошата суша во историјата на земјата“, истакна Маса.

„Тоа ни постави предизвикувачка задача да одржуваме резерви за да го одржиме нивото на увоз на материјали и стоки“, објасни тој, додавајќи дека преминот кон јуанот во трговијата со Кина ќе обезбеди „повеќе слобода“ за Аргентина и „ќе ги зајакне нејзините резерви#.

Во ноември минатата година, претседателот на јужноамериканската земја, Алберто Фернандез, рече дека Кина се согласила да ја прошири трговијата со Аргентина на пет милијарди долари.