Асоцијацијата за креативни индустрии (АКИ) денеска го имаше првото претставување пред јавноста откако беше основана минатата година во рамки на Стопанската комора на Македонија. Според претседателката на Асоцијацијата, Елена Бојаџиева-Цветковска, АКИ претставува мост меѓу бизнис секторот и креативноста и тоа вмрежување и олеснување на нештата се надева дека ќе дадат добар резултат во иднина.

– Идејата за АКИ беше поттикната од Унија на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии. Сфативме дека има недостиг на поврзување со бизнис секторот. Се што се работи во креативноста не се поврзува со бизнисот и така дојдовме до идеја за формирање на АКИ, изјави Бојаџиева-Цветковска.

Идејата за Асоцијацијата вели дека била веднаш прифатена од Стопанската комора и додаде дека е зачудувачки фактот што никој претходно не се сетил на тоа.

Никој не добил идеја како може креативците да ги стави под еден покрив. – Секако, недостигот на слична или иста асоцијација дава можност за многу поразличен развој на нештата, бидејќи сфативме дека голем број на маркетинг агенции и компании никаде не припаѓаат и едноставно мора да се соединат некаде и токму АКИ е местото каде што може да се случи тоа, вели претседателката на АКИ.

Калина Миљовска од Стопанската Комора на Македонија во своето обраќање истакна дека членувањето во Комората овозможува да се групираат компании со слични интереси и заедно да остварат некаков интерес.

– Без разлика дали станува за Закон за регулирање на нешто, тргање на забрана, ослободување на некаков пазар, заедничко дејствување, секогаш компаниите што имаат заедничка дејност имаат и заеднички интереси, порача Миљовска.

Претставувањето на АКИ се одржа во рамки на Форумот на креативни индустрии, кој годинава со акцент на женското креативно претприемништво трае два дена, а идејата е да се подигне свеста за тоа што е креативна индустрија иако таа е бесполова, но потребно е да се даде акцент на жените претприемачи и да се инспирираат се повеќе млади да почнат свој бизнис или барем да пробаат да ги развијат своите бизнис идеи.

Асоцијацијата, како што беше посочено, е формирана со цел поддршка, промоција и развој на активностите на креативните индустрии во нашата земјата во рамки на Стопанската комора на Македонија.

– Во рамки на делокругот на своето работење, Асоцијацијата во наредниот период ќе се залага за унапредување, развој, поттикнување, зачувување и негување на културата и културното наследство, преку учество и организирање на разни видови активности и проекти со цел поддршка на постоечките индустрии, промоција на индустриите преку учество на манифестации, изложби, саеми, фестивали, конгреси, форуми, конференции и симпозиуми во областите во кои дејствуваат компаниите/организациите членки на Асоцијацијата, создавање нови работни места во креативните, уметнички и забавни дејности и индустрии, помош и активно учество при креирање законски измени и нови решенија на полето на креативните индустрии, како и подобрување на генералната економска слика на Република Македонија, порачаа од АКИ.

По прес-конференцијата следуваше претставување на Валентина Дисоска, претседателка на Националната платформа за женско претприемништво, Геновева Христова-Мари, косопственичка и директорка на „Лигна Груп“ и претседателка на Бугарскиот кластер за мебел, Софија Штерева, директор на „Креатек Бугарија“, како и на Елизабета Јовановска, основачка на „Best Online Assistant“.