МАКЕДОНСКАТА БАНКАРСКА АСОЦИЈАЦИЈА во соработка со Народната банка на Република Северна Македонија и Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија 

објавува

ЈАВЕН ПОВИК

до основните и до средните училишта во Република Северна Македонија

Ги повикуваме основните и средните училишта во Република Северна Македонија за учество во меѓународниот натпревар ‒ Европскиот квиз на парите. Овој квиз е проект на Европската банкарска федерација за финансиска едукација на учениците од 13 до 15 години.

Европскиот квиз на парите се одвива во две фази – првата се националните натпревари во секоја земја, а втората фаза е европското финале во кое учествуваат победниците на националните натпревари.

Во Република Северна Македонија националниот натпревар ќе се одржи виртуелно за време на Глобалната недела на парите (од 21 до 27 март 2022 година) на македонски и на албански јазик.

Тимот од најдобрите двајца ученици ќе ја претставува нашата земја на европското финале коешто ќе се одржи на 10 мај 2022 година во Брисел, Кралството Белгија, на англиски јазик. Поради тоа, националните победници треба да имаат  солидни познавања од англиски јазик.

Европската банкарска федерација го задржува правото за одржување на финалето како е-настан, доколку тоа го бараат условите наметнати од пандемијата.

Европската банкарска федерација ќе им додели парична награда на училиштата коишто ќе освојат прво, второ и трето место.

Натпреварите ќе се одвиваат преку посебна електронска апликација за оваа намена „Кахут“ (Kahoot!), којашто е едукативна платформа на база на игра.

Се повикуваат сите заинтересирани основни и средни училишта да пријават одделенија/класови за учество на националниот натпревар во Република Северна Македонија, најдоцна до 18 февруари 2022 година, на електронската адреса на Македонската банкарска асоцијација: [email protected]

Притоа, треба да се има предвид следново:

  • Секое основно или средно училиште може да пријави повеќе одделенија/класови;
  • Учениците треба да бидат на возраст од 13 до 15 години на денот на пријавувањето;
  • Заедно со податоците за одделенијата/класовите, треба да се достават податоци за наставниците/професорите под чие менторство ќе се одвива подготовката.

Едукативните материјали потребни на учесниците од Република Северна Македонија за подготовка за националниот натпревар и европското финале и повеќе информации за Европскиот квиз на парите се достапни на следниве веб-страници: www.mba.mk и www.ebf.eu .

Поддржано од:

  • Министерството за образование и наука на РСМ
  • Министерството за финансии на РСМ