На крајот од првото полугодие од годинава, буџетскиот дефицит на Албанија достигнал околу 2 отсто од Бруто домашниот производ (БДП) или околу 29 милијарди лека а јавниот долг на околу 85 отсто од БДП.

Во текот на последните 5 години, јавниот долг се зголемил за 1,6 милијарди евра само од еврообврзници, кои во најголем процент се за отплата на претходни долгови.

Ова се податоците што Централна банка на Албанија ги наведува во својот најнов извештај, потсетувајќи ја владата уште еднаш за вниманието што мора да го покаже кон растот на долгот, кој се движи кон 100 отсто од БДП.

Албанската влада имаше добри показатели во намалувањето на јавниот долг почнувајќи од 2015 година, но земјотресот од 26 ноември 2019 ја принуди земјата да се задолжи во странство за финансирање на програмата за обнова, додека пандемијата Ковид-19 ја принуди владата да потроши пари за да и помогне на економија поради карантинот.

Албанија има многу високо ниво и на внатрешен долг, што ги вклучува парите што владата ги добива од своите граѓани преку издавање државни записи и обврзници и според министерството за финансии достигнува 110 милијарди лека.

При презентирањето на владината програма на кабинетот „Рама3“, премиерот Еди Рама, се обврза дека во овој четиригодишен мандат јавниот долг да го намали на 60 отсто од БДП.