Јавниот долг на еврозоната на крајот од првиот квартал од 2026 година се зголемил на 88,9 отсто од бруто-домашниот производ, во споредба со 87,7 отсто на крајот од претходното тримесечје, покажуваат прелиминарните податоци на Евростат.
Раст на задолженоста е забележан и на ниво на целата Европска Унија, каде што учеството на јавниот долг во БДП се зголемило од 81,8 на 82,9 отсто.
Вкупниот јавен долг на земјите членки на ЕУ на крајот од март достигнал приближно 15.704,6 милијарди евра, додека долгот на земјите од еврозоната изнесувал околу 14.243,5 милијарди евра.
Во споредба со истиот период минатата година, долгот на еврозоната е зголемен за 1,7 процентни поени, од 87,2 отсто од БДП во првиот квартал од 2025 година. На ниво на ЕУ, зголемувањето изнесува 1,5 процентни поени, од 81,4 на 82,9 отсто од БДП.
Грција и натаму е најзадолжена земја членка, со јавен долг од 143,5 отсто од БДП. Следуваат Италија со 138,9 отсто, Франција со 117,6 отсто, Белгија со 109,1 отсто и Шпанија со 101,6 отсто. Тоа се единствените членки на ЕУ чиј јавен долг ја надминува вредноста на нивниот годишен БДП.
Најниско ниво на задолженост е регистрирано во Естонија, со 25,2 отсто од БДП, пред Данска со 26,8 отсто, Бугарија со 28,5 отсто и Луксембург со 29,2 отсто.
Во однос на крајот од 2025 година, јавниот долг е зголемен во 17 членки на ЕУ, намален во осум, додека во Летонија и Чешка останал непроменет.
Најголем квартален раст е забележан во Унгарија, од 3,1 процентен поен, по што следуваат Литванија со 2,9, Луксембург со 2,8, Ирска со 2,2 и Хрватска со 2,1 процентен поен.
Најголемо намалување остварила Грција, за 2,6 процентни поени, иако останала најзадолжената членка на Унијата. На годишно ниво, долгот е зголемен во 19, а намален во осум земји. Најголем раст е регистриран во Финска, за 5,5 процентни поени, додека Грција го намалила долгот за 9,4 процентни поени.
Најголемиот дел од јавниот долг на еврозоната, односно 84,3 отсто, се однесувал на должнички хартии од вредност. Кредитите учествувале со 13,2 отсто, а готовината и депозитите со 2,5 отсто.