Стопанската комора на Македонија не се откажува од предлогот за промени на Законот за извршување, со кои и јавниот сектор би подлежел на извршување.

Иницијативата е стара неколку години, но засега нема позитивен одговор. Комората во 2018 година, беше вклучена во работната група во Министерството за правда, која подготвуваше измени на законот, но оттогаш нема никакви знаци дека нешто се работи на темата.

Експертите велат дека е многу проблематично да нема законска можност за наплата на долговите од јавните претпријатија и општините, иако еден од најголемите проблеми на бизнис секторот е ликвидноста. Приватните компании, сеедно дали големи или мали, може да тужат за да си го наплатат долгот, но извршувањето е законски ограничено.

Нема, точна бројка на долговите, но во рамки на шпекулациите се движи до неколку стотици милиони евра. По стапувањето на функцијата, министерот за финансии Фатмир Бесими, посочи дека за решавање на прашањето за одржување на ликвидноста на компаниите, има потреба од изнаоѓање на функционално решение за Законот за извршување спрема субјектите од јавното право, но ќе биде потребна координација со Министерството за правда.

Стопанската комора на Македонија е особено активна на овој план и бара начини како да се реши проблемот со финансиската дисциплина. Поминаа речиси три години, откако до Министерството за правда, е поднесен предлог за измена на членот 218 од Законот за извршување, со кој би се овозможило извршување без никакво ограничување и кај јавниот сектор, вели за „Слободен печат“, Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на СКМ. Таа, додава, дека ако не со закон, тогаш државата може да најде други механизми за да обезбеди целосна финансиска дисциплина. Членот 218 од Законот за извршување, дозволува прешироко толкување, односно овозможува судот да стави забрана за повлекување на средствата на должникот под образложение дека се „неопходни“ со што се спречува нивно префрлување на доверителот, односно подмирување на долгот.

-Во практиката повеќе компании како доверители се доведени во состојба да не можат да ги наплатат своите побарувања спрема државата и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, поради околноста што покрај предметите и правата, како неопходни за вршење на дејноста на овие субјекти се определуваат и паричните средства на нивните сметки кај сите носители на платниот промет, и истите се изземаат од извршување. На овој начин, Законот нееднакво важи за јавниот и за приватниот сектор, а компаниите, се во подредена позиција – објаснува Милевска – Штрбевска.

Според економските експерти, повеќе, домашни бизниси зависат од соработката со јавниот сектор. Но, и покрај завршената работа или испорачаната стока, со години се чека за наплата, а добиените судски пресуди и правосилни решенија чекаат на ред за извршување. Многу адвокати и бизнисмени, велат дека е полесно да се добие правосилна одлука, отколку да се изврши побарувањето, барем што се однесува до јавните претпријатија. Дури се тврди дека има многу такви побарувања, коишто никогаш нема да бидат наплатени.

Согласно член 218 од Законот за извршување, на јавните претпријатија им се дозволува да не мора да платат по правосилни пресуди, доколку со таа пресуда би се довеле себеси да им се намали минимумот потребни средства, за да може да функционираат.