Според податоците на Евростат, количеството на создаден комунален отпад по глава на жител значително се разликувал од земја до земја на ЕУ.

– Диспропорцијата меѓу земјите членки е одраз на разликите во потрошувачките навики, материјалното богатство и начините на собирање и управување со комуналниот отпад, оценува Евростат.

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, меѓу земјите членки на ЕУ постои разлика и во однос на количеството на отпад собрано во производството, трговијата, јавната администрација и домаќинствата.

Така, најмногу смет во 2022 година создале Австријците и тоа 827 килограми по глава на жител, пред Данците со 787 и Луксембуржаните со 720 килограми смет пер капита. Од друга страна, најмалку смет генерирале Романците и тоа 301 килограми по глава на жител, пред Полјаците со 364 и Естонците со 373 килограми отпад.

Кога станува збор за количеството на рециклиран смет, и тоа во 2022 година е намалено во споредба со претходната година. Според податоците на Евростат, во 2022-та биле рециклирани 249 килограми отпад по глава на жител. Во 2021 количеството на рециклиран смет во ЕУ пер капита изнесувало 264 килограми.

Австрија со 516 килограми по глава на жител е на водечката позиција и според количеството на рециклиран отпад, пред Данска со 411 и Германија со 409 килограми. Романија и во ова рангирање е на дното на листата со 36 килограми рециклиран смет по глава на жител, пред Малта со 75 и Грција со 90 килограми.