buying-vs-leasing-a-carКупувањето на автомобил со готовински средства речиси стана историја. Мал е бројот на семејства кои се во можност да си дозволат купување на автомобил со готовина. Ова не се должи на слабата куповна моќ на населението во Македонија, туку е тренд во целиот свет.

Освен купување на автомобил со готовински средства, можно е да се купи истиот преку кредити или преку финансиски лизинг. Како и кај сите други кредити, важно пред задолжувањето е да се разгледаат условите за кредит или финансиски лизинг, како и да се утврдат предностите и недостатоците на двете опции.

Автомобилски кредити

Иако често се промовира како посебен вид на кредит, автомобилскиот кредит е подмножество на потрошувачките кредити, кој е резултат на специфичниот предмет на финансирање доделен во рамките на малку поинакви услови од другите потрошувачки кредити. Преку автомобилски кредит, може да се купи нов или користен автомобил од физички или правни лица.

Автомобилските кредити се како другите кредити и се понудени со индексирање во денари или евра. Како по правило, каматната стапка на кредитите денари е повисока од каматната стапка за кредитите индексирани во евра.

Автомобилот кој е купен на кредит е во ваша сопственост, но обично банката бара да се даде возилото како залог, што во случај на нередовно подмирување на месечните обврските на клиентот, и овозможува на банката да стане сопственик на возилото.

Еден од вообичаените услови на банката е возилото да е каско осигурано за време на периодот на отплата. Во прилог на овие услови, за одобрување на кредитот банката може да бара сопствено учество, жирант и слични средства за обезбедување.

Финансиски лизинг

Алтернативна опција за купување на автомобил на кредит е финансискиот лизинг. Финансискиот лизинг е исто така вид на кредитен однос кој ги вклучува корисникот на финансискиот лизинг, лизинг компанијата и продавачот на автомобили.

Главната разлика помеѓу автомобилскиот кредит  и купувањето автомобил преку финансиски лизинг е што во вториот случај, не станувате сопственик на возилото се додека не ги исплатите финансиските обврски според договорот.

Поточно, во случај на финансиски лизинг, до моментот на отплата, вие сте само корисникот на возилото, а во договорот е дефиниран начинот на стекнување на сопственост на возилото по плаќањето на сите месечни рати.

Каско осигурување на возилото е задолжително за време на периодот на плаќање на месечните рати и е во корист на лизинг компанијата. Трошокот за осигурување е одделен од надоместокот што се плаќа на лизинг компанијата и е дополнителен трошок за корисникот на лизингот.

Финансискиот лизинг не бара дополнителни средства за обезбедување, единственото средство за обезбедување е возилото, што е предмет на лизинг.

Како да изберете ?

Како што може да се види од предностите и недостатоците на автомобилскиот кредит и финансискиот лизинг, универзална идеална кредитна опција не постои и изборот помеѓу овие опции ќе зависи од потребите и можностите на купувачите.

Споредбата на различните услови на автомобилскиот кредит и финансиски лизинг е начинот на кој секој заинтересиран купувач на автомобил треба да го почне изборот на партнер во кредитирањето. Корисникот на кредитот најдобро ги познава своите можности, приоритетите и потребите, тоа е најрелевантно при изборот на различни кредитни опции.