Претседателот на Стопанската комора на Северна македонија, Бранко Азески, денеска порача дека по завршувањето на изборите потребно е економијата повтроно да биде приоритет, како и градењето на правната држава и систем на пазарни вредности.

Во соопштение до медиумите, честитајчи им на победниците, тој посочува дека на седмите по ред претседателски и единаесетти по ред парламентарни избори македонскиот народ покажал висока демократска зрелост и дека припаѓа на друштвото со европски вредности и дека јасно е определен да истрае на истите.

„Сѐ на сѐ, кога сѐ добро ќе се заврши не треба и многу да се коментира. Сега е сѐ јасно. Во наредните 10 години економијата како приоритет, градењето правна држава и систем на пазарни вредности како определена цел. Во сите случаи одговорноста и имплементацијата се најважните алатки во работењето на сите избрани личности, органи и тела. Тоа го бараше бизнисот. На тоа ќе истрае и јавно ќе критикува секоја појава која не е во согласност со овие постулати. Нашата држава е на сериозен испит, може или не може да опстои како модерен чинител на регионалната и европската сцена“, вели Азески.

Тој најави дека од утре раководствот на комората почнува со темпото на работа од пред изборите, додавајќи дека првите неколку активности оваа недела ќе бидат посетата на компанијата „Бехтел и Енка“, средбата со врвното раководството на мултинационалната компанија „Костал“ од Германија, учеството на Самитот во Котор, каде ќе се состанат шесте претседатели на Влади и на Комори на земјите од Западен Балкан, а во петок во Комората ќе го прими раководството на „Македонија 2025“ кое одржува токму овие денови самит во Скопје.

„Ако на тоа ги надоврземе и редовните активности кои неделава се одвиваат во Комората со Советот на странски инвеститори и Центарот за циркуларна економија, јасно е дека време за чекање нема. Бизнисот бара враќање на редовните колосеци бидејќи приликите во регионот и во Европа се прилично неизвесни и проблематични“, вели Азески.

Тој нагласува дека на најавените настани фокусот мора да биде на нови модерни и свежи идеи во согласност со условите и приликите. Посетата на „Бехтел и Енка“, водечката инвестиција кај нас во наредните години, треба да е поттик за сите вработени во Комората да ги посетат фирмите и да видат што се случува таму. Разговорите со врвното раководство на „Костал“ мора да бидат прецизни и јасни за нивните очекувања од нас, затоа што странските инвеститори се значаен чинител во Комората и нивните оценки се од суштинска важност за нас. Самитот во Котор, на кој ќе се разгледува планот за новиот економски раст на ЕУ, мора во јавноста да не истакне како луѓе кои не губат време по разно-разни собири, туку изнесуваат свои предлози произлезени од компаниите за поддршката што треба да ја добијат од државите.

„Не, ‘ќе се залагаме за’, туку предлагаме ‘тоа и тоа’, треба да биде промената со која ќе го направиме нашиот метод на работа сосема поинаков“, вели Азески, додавајќи дека активностите ќе се интензивираат до летните одмори, со цел да се надомести времето кое што го потроши долгата изборна кампања.